Министерот за здравство во заминување Азир Алиу оцени дека во изминатите 13 месеци биле поставени темелите за повеќе реформи во здравствениот систем, при што како најзначајни ги издвои подготовката на 15 законски решенија и процесот на дигитализација.
Тој посочи дека дел од законите веќе се усвоени, а останатите се во собраниска процедура. Според Алиу, значаен чекор е и приклучувањето на Македонија кон европската програма EU4Health, која ќе овозможи финансиска и стручна поддршка за развојот на здравствениот систем.
Говорејќи за Предлог-законот за заштита од употреба на тутунски и сродни производи, Алиу рече дека останува да се разгледаат неколку амандмани, по што очекува законот наскоро да биде усвоен.
Осврнувајќи се на недостигот од кадар во Итната медицинска помош, тој најави воведување тригодишни студии за парамедици, кои треба да обезбедат поквалитетни и постабилни тимови за итни интервенции.
Во однос на извештаите за кардиохируршките интервенции, Алиу изјави дека Министерството за здравство ја завршило својата постапка, а материјалите биле доставени и разгледани на затворена владина седница.

