Основниот кривичен суд изрече високи затворски казни за тројца обвинети кои, според обвинението, биле дел од криминалната група „Беланоца“. Тие беа прогласени за виновни за повеќе кривични дела поврзани со дејствувањето на групата.
Според пресудата, еден од обвинетите е осуден на 20 години затвор, додека вториот доби казна од 11 години поради злосторничко здружување, поврзано со убиството на Орхан Бајрами – Оки, како и со случајот познат како „Пластичарска“, во кој животот го загуби 29-годишниот Амар Исмани.
Третиот обвинет доби четиригодишна затворска казна, откако беше прогласен за виновен за кривичното дело изнуда.
Во меѓувреме, продолжува судската постапка против Фатљум Ајети – Тоти, кој според обвинителството е наводен организатор на криминалната група „Беланоца“. Заедно со уште неколку обвинети, тој се товари за злосторничко здружување и повеќе тешки кривични дела, меѓу кои убиства, изнуди, закани и палење возила и објекти.
Орхан Бајрами – Оки беше убиен во јули 2023 година во Ханиоти, Грција, каде што престојувал на одмор. Според истрагата, напаѓачите со автомобил пристигнале до објектот во кој бил сместен и испукале повеќе куршуми кон апартманот.
Во текот на истрагата беше посочено и дека еден ден пред убиството на социјалната мрежа „ТикТок“ бил објавен пост во кој се најавувала ликвидацијата на Бајрами. По извршеното убиство, на истиот профил, кој подоцна бил избришан, била објавена порака дека нападот е реализиран. Обвинителството претходно наведе дека преку истиот профил биле објавувани и пораки поврзани со други насилни пресметки.

