Австриската влада ги финализира подготовките за закон со кој на децата помлади од 14 години ќе им биде забрането користење на социјалните мрежи. Наместо да ја чека заедничката регулатива што ја подготвува Европската Унија, Виена сака самостојно да воведе построги правила, кои, доколку бидат усвоени, би почнале да се применуваат од почетокот на 2027 година.
Според австриските власти, целта е да се намали изложеноста на најмладите на штетни содржини, говор на омраза, дезинформации, сајбер-насилство и психолошки притисоци кои сè почесто се поврзуваат со користењето на социјалните платформи.
Предлог-законот е во завршна фаза на усогласување меѓу коалициските партнери и се очекува во текот на летото да биде пуштен на јавна расправа.
Во меѓувреме, Европската комисија работи на заеднички правила за сите земји членки. По летната пауза се очекува претседателката Урсула фон дер Лајен да претстави предлог-регулатива што би воспоставила единствен пристап во рамките на ЕУ. Експертска група претходно препорача минималната возраст за отворање профили на социјалните мрежи да биде 13 години.
Сепак, неколку европски држави не сакаат да ја чекаат европската процедура. Франција веќе најави ограничувања за малолетници под 15 години, а слични мерки разгледуваат и Шпанија, Данска и Грција. Австрија, пак, предлага уште построг модел со старосна граница од 14 години.
Еден од најголемите предизвици останува проверката на возраста на корисниците. Првичната идеја профилите да бидат поврзани со вистинскиот идентитет на секој корисник е напуштена поради загриженоста за приватноста.
Наместо тоа, се разгледува користење на државниот систем за дигитална идентификација „ID Austria“. Со таков модел, платформите би добивале само потврда дали корисникот ги исполнува условите за пристап, без да располагаат со неговите лични податоци.
Министерот за образование Кристоф Видеркер предупреди дека училиштата сè почесто се соочуваат со последиците од прекумерното користење на социјалните мрежи. Според него, зависноста од виртуелната комуникација, изложеноста на несоодветни содржини и притисокот од врсниците оставаат сериозни последици врз менталното здравје на младите.
Владата смета дека новите ограничувања нема целосно да ги решат проблемите во дигиталниот простор, но ќе придонесат за поголема заштита на децата во најраната возраст.
Доколку законското решение биде усвоено според планираната динамика, Австрија ќе стане една од првите земји во Европската Унија што ќе воведе национална забрана за користење на социјалните мрежи за деца помлади од 14 години.

