Украина направи нов чекор во евроинтегративниот процес, откако во Брисел беше означен почетокот на преговорите во уште една област од пристапниот процес кон Европската Унија.
Станува збор за кластер што ги опфаќа надворешната политика, безбедносната соработка и одбранбените прашања, како и мерките за справување со современите безбедносни закани. Од Европската комисија порачаа дека напредокот на Украина е важен и за идната стабилност на Европа.
Иако Киев веќе работи на усогласување на своето законодавство со европските правила, пред земјата останува обврската да ги отвори и преостанатите четири преговарачки кластери. Тие се однесуваат на економските политики, земјоделството, транспортот, животната средина и други клучни сектори.
Од Брисел оценуваат дека техничките подготовки за понатамошно отворање на преговорите се во голема мера завршени, но динамиката ќе зависи од согласноста на сите земји членки на Европската Унија.
Украинските власти изразуваат уверување дека реформскиот процес ќе продолжи без застој и очекуваат во наредниот период да бидат отворени и останатите области од преговорите.
Покрај Украина, напредок во евроинтеграциите бележат и други земји кандидати. Се очекува Молдавија да отвори нов преговарачки кластер, додека Црна Гора и Албанија да затворат дел од преговарачките поглавја, што претставува уште еден чекор кон нивното идно членство во Европската Унија.

