HomeМКДВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА СЕ ПОДГОТВУВААТ ЗА ИЗБОРНА ТРКА

ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА СЕ ПОДГОТВУВААТ ЗА ИЗБОРНА ТРКА

Политичката сцена повторно се вжештува околу прашањето дали Македонија ќе оди на предвремени парламентарни избори. Иако од власта уверуваат дека нема потреба од ново гласање и дека приоритет треба да бидат реформите, опозицијата веќе најавува конкретна политичка понуда за следните избори. Во исто време, ДУИ отворено бара Собранието да се распушти и граѓаните да добијат можност повторно да го дадат својот глас.

Премиерот Христијан Мицкоски повторно порача дека актуелната Влада има четиригодишен мандат и дека граѓаните очекуваат резултати, а не нова изборна кампања. Според него, Владата треба да продолжи со започнатите процеси, но доколку опозицијата официјално побара избори, владејачката коалиција е подготвена да го прифати предизвикот.

„Граѓаните не сакаат избори. Граѓаните сакаат реформи и континуитет на процесите што ги води оваа Влада. Ние како коалиција имаме добиено легитимитет од граѓаните за да бидеме Влада четири години. Но, доколку опозицијата мисли дека се потребни предвремени избори, ние ќе одговориме позитивно“, изјави Мицкоски.

Тој воедно порача дека доколку дојде до изборно соочување, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се уверени во победа.

Од СДСМ, пак, велат дека се подготвени за избори без оглед дали тие ќе бидат предвремени или редовни. Лидерот на партијата Венко Филипче најави дека во следниот месец ќе биде презентиран таканаречен „мастер план“, кој треба да ја претстави програмата и приоритетите на опозицијата.

Филипче вели дека граѓаните треба однапред да знаат што ќе понуди СДСМ доколку ја добие нивната доверба на следните избори.

„Спремни сме со нешто што се вика мастер план, а ќе го презентираме во текот на следниот месец. Мастер план во неколку чекори во кој, ако граѓаните ни ја дадат довербата на следните избори, кога и да бидат, да знаат кои се нашите ветувања“, порача Филипче.

Опозицијата истовремено обвинува дека власта се обидува одговорноста за евентуални избори да ја префрли врз опозицијата, додека од СДСМ уверуваат дека ќе излезат пред граѓаните со сопствена програма и конкретни ветувања.

За предвремени избори отворено се залага и ДУИ. Од партијата сметаат дека политичката состојба во земјата бара ново соочување со граѓаните и нов политички мандат.

ДУИ ја обвинува Владата за застој на европскиот пат, влошување на меѓуетничките односи, нарушување на Охридскиот договор и намалување на застапеноста на Албанците во институциите.

„Владата го загуби легитимитетот да продолжи со европската изолација, влошувањето на меѓуетничките односи, нарушувањето на Охридскиот договор и слабеењето на застапеноста на Албанците во институциите“, порачаа од ДУИ.

Од партијата велат дека доколку премиерот навистина е подготвен да прифати избори, тогаш нема причина за дополнително одложување и потегот треба да биде претворен во конкретна собраниска постапка.

Засега, сепак, нема договор меѓу политичките партии за предвремено гласање. Власта се повикува на освоениот мандат и бара продолжување на реформите, СДСМ се подготвува со нова политичка понуда, а ДУИ бара итно распуштање на Собранието.

Прашањето дали Македонија ќе оди на предвремени избори останува отворено, но едно е јасно – политичките партии веќе ги поставуваат своите позиции за следното изборно соочување, без оглед дали тоа ќе дојде порано или во редовниот термин.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО