HomeМКДСРЕДБА СО РАДЕВ ДА, НО НЕ САМО ЗА ФОТОГРАФИЈА

СРЕДБА СО РАДЕВ ДА, НО НЕ САМО ЗА ФОТОГРАФИЈА

Премиерот Христијан Мицкоски остава отворена врата за директна средба со бугарскиот премиер Румен Радев, но условот е разговорот да има јасна цел и да донесе конкретен резултат. Мицкоски вели дека не гледа смисла во средба која би се одржала само формално, без претходно да има придвижување во разговорите меѓу Скопје и Софија.

Според него, дипломатските канали треба прво да ги приближат позициите на двете страни, по што би можело да следи и средба на највисоко политичко ниво.

„Подготвен сум во кој било момент да седнам и да разговарам, но за средба колку да биде само средба, а притоа да нема никаков ефект, не сум љубител на губење ниту на своето ниту на неговото време“, порача Мицкоски.

Тој нагласи дека Македонија останува отворена за дијалог и дека политиката, според него, треба да се темели на разговори и барање решенија. Во исто време, Мицкоски потврди дека Владата има јасно дефинирани црвени линии од кои нема да отстапи.

„Знаеме кои се нашите црвени линии и во рамките на тие црвени линии ќе се обидеме да го најдеме решението“, истакна премиерот.

Во фокусот повторно е и прашањето за уставните измени и барањата поврзани со бугарската заедница во Македонија. Мицкоски посочи дека македонскиот Устав обезбедува заштита на правата на сите граѓани, вклучително и на припадниците на бугарската заедница.

Но, истовремено, тој бара и реципроцитет од бугарската страна, особено во однос на правата на македонската заедница во Бугарија.

Мицкоски повторно го посочи случајот со ОМО „Илинден-Пирин“ и пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, оценувајќи дека и ова прашање треба да биде дел од поширокиот разговор меѓу двете земји.

„Што правиме со македонската заедница од другата страна на границата“, праша Мицкоски, потсетувајќи дека Бугарија има обврски во делот на почитувањето на човековите права.

Во меѓувреме, поддршка за европската перспектива на Македонија стигна и од Чешка. Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски ја оцени изјавата на својот чешки колега Петр Мацинка како јасна поддршка за македонскиот пат кон Европската Унија.

Според Муцунски, Чешка испратила порака дека сака Македонија што побрзо да стане полноправна членка на ЕУ и дека ги поддржува напорите на земјата за напредок во евроинтеграциите.

Муцунски посочи дека Прага ги разбира македонските позиции и е подготвена да помогне доколку може да се најде соодветно и одржливо решение со кое би се овозможило отворање на преговорите.

Во однос на ставовите на Чешка за можните промени во начинот на одлучување во Европската Унија, Муцунски оцени дека Македонија не треба да се меша во внатрешните реформи на Унијата, бидејќи сè уште не е нејзина членка.

Пораките од Владата засега се дека каналите за комуникација со Софија остануваат отворени, но дека за конкретна средба меѓу Мицкоски и Радев ќе биде потребно претходно да има дипломатско приближување на ставовите. Прашањето за уставните измени останува една од клучните точки во процесот, а Владата инсистира секое идно решение да биде постигнато преку дијалог и без отстапување од македонските црвени линии.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО