HomeГЛОБУСНЕМА ДА ГИ ПРЕДАДЕМЕ ОРУЖЈЕТО НА ОТПОРОТ

НЕМА ДА ГИ ПРЕДАДЕМЕ ОРУЖЈЕТО НА ОТПОРОТ

Жителите на Дахиех, упориштето на Хезбола во југозападниот дел на Бејрут, остро се спротивставуваат на договорот меѓу Либан и Израел и велат дека не прифаќаат реконструкцијата на нивните населби да биде условена со разоружување на Хезбола.

Дахиех претрпе огромни разурнувања во израелските воздушни напади за време на ескалацијата на конфликтот, а голем број објекти во областа беа уништени или сериозно оштетени.

Според договорот постигнат меѓу либанската и израелската влада со посредство на Соединетите Американски Држави, израелските сили треба да се повлечат од јужен Либан, по што либанската армија би ја презела контролата врз областа и би била задолжена за спроведување на процесот на разоружување на Хезбола.

Меѓународната помош за обновување на Либан, според договорот, би започнала откако ќе биде реализирано разоружувањето на групата. Хезбола го оцени договорот како „капитулација“ пред Израел и предупреди дека неговото присилно спроведување би можело повторно да предизвика конфликт.

Ставот на Хезбола го делат и дел од жителите на Дахиех, кои и покрај огромните разурнувања и натаму ја поддржуваат групата.

„Ова е понижување и срам за нашата земја. Од договорот либанската држава нема никаква корист“, изјавил еден од локалните жители.

Друг жител, пак, порача дека не прифаќа оружјето на Хезбола да биде предмет на договор за финансиска помош.

„Ако ни нудат пари во замена за ограничување на оружјето на отпорот, нека ја кажат сумата. Ние самите би собрале повеќе, наместо да го предадеме оружјето на отпорот“, изјавил тој.

Прашањето за реконструкцијата е особено сериозно за Либан, кој веќе се соочува со тешка економска криза. Според проценките на Светската банка, обновувањето на земјата по израелските воздушни напади и копнената инвазија би можело да чини најмалку 11 милијарди долари.

Само материјалната штета од војната меѓу израелската армија и Хезбола во периодот од 2023 до 2024 година била проценета на околу 6,8 милијарди долари, при што во проценката не биле опфатени подоцнежните разурнувања.

Така, додека меѓународната заедница го гледа разоружувањето на Хезбола како клучен услов за стабилизација и реконструкција на Либан, дел од населението во неговото најсилно упориште го гледа оружјето како средство за одбрана и одбива да го замени за финансиска помош.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО