Јужнокaфриканскиот англикански свештеник и активист против апартхејдот, Мајкл Лапсли, ја обвини американската политика кон Куба дека предизвикува сериозна хуманитарна криза и ја опиша состојбата на островот како „геноцид без бомби“.
Лапсли, кој неодамна се вратил од Хавана, вели дека на терен забележал сериозно влошување на условите за живот. Според неговите сведоштва, на улиците има малку возила поради недостигот на гориво, додека долготрајните прекини на електричната енергија го нарушуваат водоснабдувањето, производството и функционирањето на фабриките, вклучително и оние што произведуваат лекови.
„Соединетите Американски Држави активно ја задушуваат Куба. Ова е колективно казнување на цела земја уште од победата на револуцијата. Но, работите во последните шест месеци станаа неизмерно полоши“, изјави Лапсли.
Вашингтон одржува економско ембарго кон Куба од 1962 година. Во јануари американскиот претседател Доналд Трамп прогласи национална вонредна состојба во однос на Куба и презеде мерки за ограничување на снабдувањето со гориво кон островот.
Американската политика вклучува и блокирање на танкери со нафта наменети за Куба, како и закани со царини кон земјите кои продолжуваат да ја снабдуваат земјата со гориво.
Кубанскиот министер за енергетика и рударство Висенте де ла О Леви во мај изјави дека земјата останала без дизел и мазут и дека поради тоа мора да се потпира на гас од сопствените наоѓалишта. Од март се регистрирани и големи прекини на електричната енергија на територијата на целиот остров.
Лапсли престојувал во Хавана за да учествува на конференција посветена на стогодишнината од раѓањето на Фидел Кастро, лидерот на Кубанската револуција од 1959 година, кој со децении ја предводеше земјата, а почина во 2016 година.
На собирот учествувале претставници од 63 земји, меѓу кои и членови на јужноафрикански синдикати, Јужноафриканската комунистичка партија и поранешната министерка Нкосазана Дламини-Зума.
Лапсли повика на прекин на американската блокада и поголема меѓународна помош за Куба. Според него, земјата со децении покажувала издржливост, но сега ѝ е потребна поддршка од меѓународната заедница.
Претседателот на Кубанскиот совет на цркви, Џоел Ортега Допико, изјавил дека американските ограничувања го отежнуваат и пристигнувањето помош од други држави кои сакаат да ѝ помогнат на Куба.
Тој предупредил дека последиците најмногу ги чувствуваат најранливите категории граѓани, при што дел од семејствата, според неговите наводи, го намалиле бројот на дневни оброци од три на само еден.
Недостигот на гориво дополнително влијае врз производството и транспортот на основните прехранбени производи. Допико посочува дека набавката на јајца, млеко и ориз станува сè потешка.
Лапсли, кој е почесен доживотен претседател на организацијата „Пријатели на Куба“, порача дека меѓународната заедница, владите, верските организации и движењата за солидарност треба да се обединат за да ѝ помогнат на Куба да ја надмине кризата.
Според него, Куба во минатото им помагала на други земји, меѓу кои Јужна Африка, Ангола и Намибија, а сега, како што вели, дојде време меѓународната заедница да возврати со поддршка.

