Премиерот Христијан Мицкоски денеска откри дека Владата разговара со пет до шест потенцијални инвеститори заинтересирани за изградба на дата центри во Македонија. Меѓу нив, како што посочи, има и голема мултинационална компанија.
Мицкоски уверува дека процесот ќе се одвива транспарентно и дека јавноста ќе биде информирана за сите значајни детали поврзани со инвестициите.
Тој ги отфрли критиките од опозицијата за овие проекти, оценувајќи ги како неточни и како резултат на недоволно познавање на темата. Според него, развојот на дата центрите и вештачката интелигенција е дел од пошироката економска стратегија на Владата.
Премиерот посочи дека плановите се поврзани и со производство на електрична енергија преку гасни централи, која би се користела за потребите на идните дата центри.
Во однос на најавениот проект во Пехчево, за кој Советот на општината неодамна изрази негативен став, Мицкоски повтори дека станува збор за приватна иницијатива и дека државата нема директна сопственост или учество во проектот.
Според најавите, разговорите со потенцијалните инвеститори продолжуваат, а конкретните детали за проектите би требало да бидат познати во следниот период.

