HomeМКДДРЖАВАТА МОРА ДА ОБЕЗБЕДИ ДОСТАПНО ДОМУВАЊЕ

ДРЖАВАТА МОРА ДА ОБЕЗБЕДИ ДОСТАПНО ДОМУВАЊЕ

Станбеното прашање сè почесто ги турка граѓаните кон долгорочно задолжување, а од политичката партија Левица предупредуваат дека растот на станбените кредити е показател за сè потешката достапност на сопствен дом во Македонија.

Според податоците што ги наведува партијата, станбеното кредитирање во јуни бележи годишен раст од 16,6 отсто. Од Левица оценуваат дека зад ваквиот пораст не треба да се гледа само банкарска статистика, туку и финансискиот товар со кој се соочуваат голем број семејства при обидот да купат сопствен стан.

Од партијата посочуваат дека младите најчесто се принудени да земаат станбени кредити со рок на отплата од две или три децении. На тој начин, според нив, купувањето недвижност станува долгорочна финансиска обврска која може сериозно да го оптовари семејниот буџет во случај на губење работа, пад на приходите или дополнително зголемување на трошоците за живот.

За оние кои не можат да ги исполнат условите за кредит, останува изнајмувањето, додека високите цени на недвижностите дополнително ја усложнуваат ситуацијата. Левица смета дека комбинацијата од скапи станови, повисоки трошоци за живот и ограничени приходи го прави сопствениот дом недостижен за значителен дел од младата генерација.

Партијата предупредува и дека нерешеното станбено прашање може да влијае врз одлуката на младите да останат во земјата, да основаат семејство и да планираат долгорочен живот во Македонија. Според нив, проблемот не може да се остави целосно на пазарните механизми.

Како решение, од Левица предлагаат државата повторно да има поактивна улога во станбената политика, преку реформа и зајакнување на јавното претпријатие за домување. Идејата е преку јавна изградба да се обезбедуваат станови со однапред утврдени услови и ограничена профитна маржа, со цел тие да бидат подостапни за граѓаните.

Од партијата сметаат дека ваквиот модел би можел да создаде дополнителна конкуренција на пазарот и индиректно да влијае врз цените на недвижностите. Според нив, државата треба да обезбеди механизми со кои младите семејства и граѓаните со редовни приходи би можеле полесно да дојдат до сопствено живеалиште.

Од Левица порачуваат дека домувањето треба да биде дел од долгорочната државна политика, а не прашање кое граѓаните ќе го решаваат исклучиво преку банкарски кредити или скапо изнајмување.

Партијата предупредува дека доколку не се преземат мерки, сè поголем број граѓани би можеле да останат во ситуација или со децении да плаќаат кредит, или постојано да живеат под кирија. Токму затоа, според нив, неопходна е политика која ќе овозможи сопствениот дом да биде достижна цел и за граѓаните со просечни примања.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО