Португалскиот фудбалер Жоао Невеш, една од младите ѕвезди на Пари Сен Жермен, ги изненади навивачите со начинот на кој пристигна на тренингот на францускиот шампион.
Додека фудбалерите на големите европски клубови најчесто се појавуваат со скапи спортски автомобили, 21-годишниот Невеш пристигнал со Peugeot Partner, доставно комбе произведено во 2021 година.
Според информациите објавени во француските и европските медиуми, ваков користен модел може да се најде за околу 8.000 евра. Интересно е што Невеш, според достапните проценки, заработува околу 175.000 евра неделно во ПСЖ.
Тоа значи дека неговата фиксна годишна заработка е околу девет милиони евра, а со бонусите може да достигне и околу десет милиони евра.
Снимката од неговото пристигнување брзо се прошири на социјалните мрежи. Невеш застанал покрај навивачите пред тренинг-центарот на ПСЖ, им поделил автограми, а потоа продолжил кон тренингот со необичното возило.
Изборот на автомобил предизвика позитивни реакции кај навивачите, кои го пофалија фудбалерот за неговата едноставност и скромност.
Невеш во ПСЖ пристигна од Бенфика во летото 2024 година, кога францускиот клуб за него плати околу 60 милиони евра. За кратко време стана важен дел од тимот на Луис Енрике, а редовно настапува и за репрезентацијата на Португалија.
Сепак, не е познато дали Peugeot Partner е негово редовно возило или само го користел во оваа прилика. Според португалските медиуми, комбето имало португалски регистарски таблички.

