Наставниците и останатите вработени во училиштата ќе добијат ново зголемување на платите во март 2027 година, потврди министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневска денеска, при посетата на ООУ „Љубен Лапе“ во Аеродром, порача дека зголемувањето е предвидено со договорот постигнат со СОНК и дека просветните работници немаат причина да стравуваат за своите примања.
Според најавите, покачувањето во март ќе се движи меѓу 7,5 и 10 проценти, зависно од стапката на инфлација. Од МОН посочуваат дека преку досегашниот договор со СОНК платите на наставниците веќе се зголемиле за повеќе од 20 проценти.
Министерката нагласи дека зголемувањата треба да продолжат и во следните години, со цел да се обезбеди поголема стабилност на примањата на вработените во образованието.
Најавата доаѓа на почетокот на новата учебна година, во која наставниот процес го започнуваат околу 238.000 ученици, од кои 174.000 се основци, а 64.000 средношколци. Во прво одделение годинава се запишани 14.952 првачиња.
Јаневска се осврна и на промените во училишната мрежа. Поради намалениот број ученици, годинава се намалува бројот на паралелки, а дел од подрачните училишта привремено се затвораат. Според МОН, ќе има 433 паралелки помалку, додека 26 подрачни училишта нема да работат поради недостиг на запишани ученици.
Министерката уверува дека оптимизацијата не значи отпуштање на редовно вработените наставници, а истовремено најавува продолжување на инвестициите во училишната инфраструктура и подобрување на условите за настава.

