Скопје треба да добие значително подобри услови за собирање и одржување на комуналниот отпад. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека покрај новата механизација за ЈП „Комунална хигиена“, во градот ќе бидат поставени и повеќе од 3.300 нови контејнери.
Според неговите информации, постапката за набавката се наоѓа во завршна фаза, односно се очекува да заврши жалбената постапка. По нејзиното финализирање, треба да започне испораката и поставувањето на контејнерите на различни локации низ Скопје.
Ѓорѓиевски смета дека обновувањето на возниот парк на „Комунална хигиена“, заедно со значително зголемување и модернизирање на бројот на контејнери, треба да помогне во надминување на проблемите со собирањето на отпадот.
Тој посочи дека целта е да се воспостави пофункционален систем за одржување на хигиената во главниот град и да се намалат долгогодишните проблеми со преполнети контејнери и несоодветно собирање на отпадот.
„Скопје мора и ќе биде чист град“, порача градоначалникот, најавувајќи дека новата опрема треба да биде важен дел од промените во комуналниот систем.
Набавката на новата механизација и контејнерите се најавува како дел од пошироките активности за подобрување на комуналните услуги во Скопје.

