САД започнаа истрага за смртоносниот напад во јужен Иран во кој беше погодена куќа каде што се одржувала свадбена прослава. Анализата на снимките и фотографиите од местото на настанот укажува дека штетата најверојатно е предизвикана од директен удар со муниција од американско производство.
Вашингтон досега не презеде одговорност за нападот. Снимките и фотографиите биле анализирани од четворица експерти за оружје, од кои тројца процениле дека оштетувањето најверојатно е поврзано со американско вооружување.
Експлозијата се случила во вторникот, во период кога американските сили извршувале воздушни напади долж иранскиот брег. Иранските власти соопштија дека во инцидентот загинале најмалку пет лица, откако во болница им подлегнала и 22-годишна жена. Речиси 70 лица биле повредени.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс потврди дека инцидентот се истражува. Тој изјави дека Вашингтон сака да утврди што точно се случило и дали американските сили можеби ненамерно предизвикале цивилни жртви.
Од американската страна се разгледуваат неколку можни сценарија. Покрај можноста ударот да бил предизвикан од американска муниција, се проверува и дали станува збор за иранска ракета за противвоздушна одбрана која излегла од предвидената траекторија или за погрешно пресретнување.
Американската војска тврди дека цивилите не се цели на нејзините операции. Сепак, доколку истрагата покаже дека дошло до грешка, американските власти најавуваат анализа на причините и преземање мерки за да не се повтори сличен инцидент.
Нападот се случил во рамките на серијата американски воздушни операции против цели во Иран. Вашингтон тврди дека целите биле воени објекти, откако иранските сили претходно нападнале пловила во областа на Ормутскиот Теснец.
Иран возврати со напади врз американски воени позиции во неколку земји од регионот, меѓу кои Ирак, Јордан, Катар, Кувајт и Бахреин. Нови напади биле регистрирани и во четвртокот, што дополнително ја зголеми загриженоста од поширока регионална ескалација.
Последните случувања веќе имаат последици и врз светските енергетски пазари. Стравувањата дека конфликтот би можел да се прошири низ Блискиот Исток предизвикаа силен раст на цените на нафтата.
Инцидентот со свадбената прослава дополнително го зголеми притисокот врз Вашингтон да ги разјасни околностите под кои бил изведен нападот и да утврди дали американското оружје било директно или индиректно одговорно за цивилните жртви.

