HomeСПОРТХРВАТСКА ВО ПОЛУФИНАЛЕТО НА ПРВОТО СП ВО ВАТЕРПОЛ 4Х4

ХРВАТСКА ВО ПОЛУФИНАЛЕТО НА ПРВОТО СП ВО ВАТЕРПОЛ 4Х4

Хрватската машка ватерполо репрезентација обезбеди место во полуфиналето на историското прво Светско првенство во ватерполо 4х4, кое се одржува во Дубровник. До пласман меѓу најдобрите четири стигна по голема драма против Соединетите Американски Држави и победа по изведувањето на петарците.

Хрватска во четвртфиналето славеше со 3:2 по пенал-серијата, откако регуларниот дел заврши со 2:2 во освоени четвртини. Хрватите добро го започнаа натпреварот и ја добија првата четвртина со 4:2.

Во вториот период следеше неверојатен пресврт. Хрватска имаше предност од 1:0 на само шест и пол секунди до истекот, но Американците успеаја двапати да погодат и да ја освојат четвртината. При вториот гол, хрватскиот голман Антонио Вукојевиќ се обиде веднаш да шутира кон празниот гол на противникот, но топката му се лизна од раката, удри во гредата и заврши кај американскиот играч, кој ја смести во мрежата.

Хрватите повторно презедоа контрола во третата четвртина, која ја добија со 4:2, но драмата продолжи и во последниот период. Иван Вукојевиќ погоди 28 секунди пред крајот за водство од 5:4, но САД во последните 15 секунди постигна два гола и направи целосен пресврт за 6:5.

Со тоа победникот мораше да биде решен преку пенал-серија. За Хрватска погодија Роко Пеличариќ, Нардо Драгаш и Иван Вукојевиќ, додека голманот Антонио Вукојевиќ го одбрани ударот на Стефано Вавиќ. Иван Вукојевиќ потоа го реализираше последниот удар и ја запечати победата од 3:1 во пенал-серијата.

Во регуларниот дел Иван Вукојевиќ беше најефикасен со шест гола, Пеличариќ постигна пет, Драгаш два, а Филип Кржиќ еден гол. Хрватската репрезентација ја предводи селекторот Пауло Обрадовиќ.

Хрватска денеска од 20:30 часот ќе игра во полуфиналето против селекцијата „Неутрална екипа Б“. Натпреварот ќе се пренесува на Спортската телевизија.

Светското првенство во ватерполо 4х4 се одржува во Дубровник од 31 август до 6 септември и претставува премиерно глобално натпреварување во оваа нова форма на ватерполо.

За разлика од традиционалниот ватерполо, во 4х4 во вода се по четворица играчи од секоја екипа – голман и тројца играчи. Се игра на помало игралиште, четвртините траат по пет минути, а нападот е ограничен на 20 секунди. Секоја четвртина се смета како посебен сет, а доколку двете екипи освојат по две, победникот се решава со пенали. Гол постигнат од сопствената половина носи два поени.

На турнирот во Дубровник учествуваат репрезентации од пет континенти, а Хрватска е домаќин на првото издание на ова натпреварување.

Хрватската женска репрезентација, пак, не успеа да стигне до полуфиналето. Во четвртфиналето загуби од Австралија со 2:3 по изведувањето на пеналите и ќе продолжи во разигрувањето за пласман од петтото до осмото место.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО