HomeГЛОБУСНАТО-ОФИЦЕР ОТСТРАНЕТ ОД КЛУЧНА БРИТАНСКА БАЗА

НАТО-ОФИЦЕР ОТСТРАНЕТ ОД КЛУЧНА БРИТАНСКА БАЗА

Врска започната преку Тиндер доведе до сериозна безбедносна проверка во една од најважните британски воени бази, откако партнерката на висок шпански морнарички офицер била осомничена дека има врски со руските разузнавачки служби.

Офицерот во тоа време бил распореден во поморската команда на НАТО во Нортвуд, база во Хертфордшир од каде се следат руските воени и подморнички активности во британските води, како и движењето на бродови поврзани со санкционираната руска „флота во сенка“.

Неговата партнерка Јанина Вајт, британско-полска државјанка родена во поранешниот Советски Сојуз, ги отфрла сите сомневања дека е руски шпион. Таа никогаш не била уапсена, а тврди и дека ниту една истрага не утврдила дека работела за странска разузнавачка служба.

Сепак, сомнежите предизвикале безбедносна истрага во НАТО и во Шпанија. На офицерот му била одземена дозволата за пристап до базата Нортвуд, а во текот на летото 2025 година бил преместен назад во Шпанија.

Вајт вели дека за работата на својот тогашен партнер знаела многу малку. Според неа, во домот важело правило дека тој не разговара за службените обврски. Таа знаела само дека неговата работа била поврзана со руските подморници и „флотата во сенка“.

Случајот добил дополнителен пресврт кога Вајт неодамна отпатувала во Санкт Петербург за да го посети својот болен татко. Таму, како што тврди, ја контактирал човек кој се претставил како Андреј и рекол дека работи за руската Федерална служба за безбедност (ФСБ). Таа вели дека со него разговарала околу два часа во кафуле, при што тој ја испрашувал за нејзиниот поранешен партнер и за безбедносната истрага.

„Сигурно знам дека не сум руски шпион. Последен пат кога проверив, не бев“, изјавила Вајт, која смета дека целата ситуација е последица на дискриминација поради нејзиното потекло.

Во меѓувреме, случајот предизвикал сериозни последици и за шпанскиот офицер. Тој се пожалил дека по повеќедецениска кариера бил професионално и социјално изолиран, а во писмо до висок претставник на британската морнарица тврдел дека целата ситуација имала тешки последици и врз неговото семејство.

Случајот е дополнително усложнет по инцидент во август 2025 година, кога офицерот, Вајт и уште едно лице се обиделе да влезат во Нортвуд, иако неговата дозвола за пристап веќе била суспендирана. Влезот им бил одбиен, а на местото била повикана полиција. Никој не бил уапсен.

Вајт сега бара судска ревизија на одлуката со која била означена како безбедносен ризик, а покренала и постапка за дискриминација против британското Министерство за одбрана. Таа тврди дека сака да дознае кој ја донел одлуката и врз какви докази била заснована.

Британското Министерство за одбрана не го коментира случајот поради тековната судска постапка, додека од НАТО велат дека не разговараат за персонални прашања, но дека безбедноста на персоналот и доверливите информации останува приоритет.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО