HomeСПОРТЊУКАСЛ ГО САКА ХРВАТСКИОТ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ

ЊУКАСЛ ГО САКА ХРВАТСКИОТ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ

Лука Сучиќ би можел да биде следниот хрватски фудбалер кој ќе направи голем трансфер во англиската Премиер лига. Според шпанскиот „АС“, Њукасл сериозно го следи 24-годишниот играч за врска и во текот на летото разгледувал можност да ја активира неговата откупна клаузула од 60 милиони евра.

Интересот на англискиот клуб доаѓа во период кога Сучиќ има одличен почеток на сезоната со Реал Сосиедад. Хрватскиот репрезентативец настапи на шест првенствени натпревари, пет од нив како стартер, и постигна два гола.

Особено внимание привлече неговиот погодок против Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“, а потоа повторно се запиша во листата на стрелците во победата од 3:2 против Елче. Во тој натпревар Сучиќ постигна гол во 90. минута, со кој неговиот тим комплетно го сврте резултатот откако губеше со 0:2.

Во последниот меч против Атлетико Мадрид, Реал Сосиедад загуби со 0:3, а Сучиќ ги одигра сите 90 минути.

Сучиќ во Реал Сосиедад пристигна во летото 2024 година од Ред Бул Салцбург за околу 10 милиони евра. Неговиот договор со шпанскиот клуб истекува во 2029 година, но во него има откупна клаузула од 60 милиони евра.

Дополнителна причина за можниот трансфер е тренерот на Њукасл, Матијас Јајсле, кој одлично го познава хрватскиот фудбалер. Германскиот стратег го предводеше Салцбург од 2021 до 2023 година, токму во периодот кога Сучиќ се наметна како првотимец.

Под водство на Јајсле, Сучиќ беше дел од тимот кој освои две шампионски титули во Австрија и настапуваше во Лигата на шампионите. Токму поради нивната претходна соработка, интересот на Њукасл може дополнително да добие на тежина.

Јајсле ова лето го презеде Њукасл по заминувањето на Еди Хау. Пред доаѓањето во Англија, тој успешно работеше во Ал-Ахли, а претходно со Салцбург двапати ја освои австриската титула.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО