HomeМКДМИЦЕВСКИ ГО ПРЕЗЕНТИРАШЕ ЕДНОГОДИШНИОТ ОТЧЕТ

МИЦЕВСКИ ГО ПРЕЗЕНТИРАШЕ ЕДНОГОДИШНИОТ ОТЧЕТ

Нови и реконструирани улици, подобрена комунална инфраструктура, инвестиции во образованието, спортот и животната средина се дел од проектите што биле реализирани или започнати во Општина Сопиште во изминатата година. Резултатите ги презентираше градоначалникот Јане Мицевски, кој информираше и за проектите за кои се обезбедени средства и се очекува реализација.

Во патната инфраструктура, меѓу реализираните проекти се реконструкцијата на улицата 20 во Нова Брезница, во должина од 1.700 метри, целосното асфалтирање на улицата 11 во Сопиште и реконструкцијата на улицата 14 во Горно Соње, долга 234 метри. Асфалтирана е и улицата 5 во Добри Дол во должина од 667 метри, додека улицата 1 во Горно Соње е асфалтирана на повеќе од 1.200 метри.

Целосно е реконструиран и мостот што ги поврзува Ракотинци и Добри Дол. Со поддршка од Владата е рехабилитирана и делницата што ги поврзува Света Петка и патот кон ХЕЦ „Света Петка“, во должина од 1.696 метри.

Во Сопиште е изградена нова пешачка патека со подземна инфраструктура, осветлување и урбана опрема, а проширена е и главната улица кај црквата „Св. Мина“. Таму се оформени две коловозни ленти и пешачки патеки од двете страни. Асфалтиран е и крак од улицата 1 во Света Петка.

Во тек е изградбата на првата фаза од патниот правец Добри Дол – Марков Манастир, во должина од 500 метри, а од општинскиот буџет се обезбедени дополнителни 10 милиони денари за реконструкција на улици во сите населени места.

Во изминатиот период се работело и на подобрување на условите за најмладите. Во Сопиште е отворена новата детска градинка „Сонце“, со капацитет за 84 деца. Општината, според презентираниот отчет, за првпат обезбедила бесплатни училишни униформи за учениците, а за првачињата биле обезбедени и ранци со прибор.

Во ООУ „Драга Стојановска“ е поставен нов покрив со комплетна кровна конструкција, панели, олуци и систем за одводнување. За градинките, училиштата и јавните установи биле обезбедени и 100 инвертер-клими преку донација.

Инвестиции се реализираат и во спортот. Започнато е уредување и модернизирање на спортските игралишта и урбаната опрема, како и целосна реконструкција на спортскиот центар „Црвена Прст“. Во Сопиште е поставена и нова отворена фитнес-зона.

Во делот на животната средина, Општината информира дека се исчистени диви депонии во Добри Дол, Јаболце и Говрлево, а биле реализирани и повеќе еколошки акции. Во соработка со „Пакомак“ се обезбедени 200 канти за отпад, додека обезбедени се и средства за набавка на две возила за одржување на јавната чистота.

Во соработка со ЕВН започнати се активности за каблирање и модернизација на електродистрибутивната мрежа. Во Горно и Долно Соње се пуштени во употреба две нови трафостаници, а во Долно Соње започнало и бушење на нов истражно-експлоатационен бунар со планирана длабочина од 100 метри, со цел подобрување на водоснабдувањето.

Како една од поголемите приватни инвестиции се најавува и изградбата на првиот трговски центар во Општина Сопиште. Според презентираните податоци, вредноста на инвестицијата е над пет милиони евра, а веќе е поставен камен-темелникот.

Општината во изминатата година организирала и повеќе настани за локалната заедница, меѓу кои Бадникови поворки со учество на повеќе од 100 деца и новогодишен хепенинг со поделба на пакетчиња.

Мицевски најави продолжување на инвестициите во инфраструктурата, комуналните услуги и развојот на населените места, со цел дополнително уредување и подобрување на условите за живот во Општина Сопиште.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО