Федералниот судија Тимоти Кели го преиспита начинот на кој администрацијата на Доналд Трамп им го одзеде пристапот до Белата куќа на новинарите од CNN, MS NOW и Politico. Трите медиумски куќи побараа итно враќање на нивните акредитации, откако минатата недела беа спречени да влезат во комплексот на Белата куќа.
На рочиштето Кели постави прашања за тоа дали администрацијата им обезбедила соодветна правна постапка на новинарите пред да им бидат одземени акредитациите. Трите медиуми тврдат дека одлуката претставува одмазда поради нивното известување и ги нарушува нивните права загарантирани со Првиот амандман.
Трамп забраната ја најави преку Truth Social, обвинувајќи ги медиумите за објавување, како што тој ги нарече, „лажни вести“. Администрацијата, пак, тврди дека пристапот до Белата куќа е привилегија, а не право, и како дел од образложението се повикува и на прашања поврзани со националната безбедност.
Случајот доби и судски епилог: Кели нареди привремено враќање на пристапот на новинарите од CNN, MS NOW и Politico до Белата куќа, а мерката е ограничена на 14 дена.
Спорот доаѓа во период на зголемени тензии меѓу администрацијата на Трамп и дел од американските медиуми. Трите редакции продолжија да известуваат од други локации, вклучително и од Обединетите нации, каде што акредитациите ги издава самата организација и не се поврзани со пристапот до Белата куќа.
Судијата Тимоти Кели и претходно бил вклучен во спор поврзан со пристапот на медиумите до Белата куќа. Во 2018 година донел одлука со која бил вратен пристапот на тогашниот новинар на CNN, Џим Акоста.

