Недостиг на инспектори, недоволно развиени електронски системи, пропусти во финансиската евиденција и проблеми со организацијата се дел од забелешките што ги утврдил Државниот завод за ревизија во работењето на Државниот пазарен инспекторат. Наодите се однесуваат на 2024 година, а поради утврдените неправилности ревизорите изразиле неповолно мислење за финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста со законските прописи.
Проверка на работењето покажала дека ДПИ во текот на 2024 година реализирал 28.263 инспекциски надзори. Од нив, 21.108 биле редовни, 5.106 вонредни, а 2.049 контролни надзори.
Контролите биле спроведувани од само 148 инспектори, иако систематизацијата предвидувала 313 инспекторски работни места. Тоа значи дека биле пополнети помалку од половина од предвидените позиции. ДЗР оценува дека ваквата кадровска состојба може да го отежне спроведувањето на сите планирани инспекциски активности.
Дополнителен проблем е што пет одделенија во Инспекторатот немале назначени раководители. Ревизорите забележале и случаи во кои административни службеници биле распоредувани на работни места за инспектори.
Во текот на 2024 година биле донесени и 19 решенија за распоредување на вработени, иако за нив немало обезбедени средства во буџетот, ниту биле предвидени во годишниот план за вработување. Од нив, 17 решенија подоцна биле поништени, а вработените биле вратени на претходните работни места.
Сериозна забелешка се однесува и на дигитализацијата на инспекцискиот надзор. Според ДЗР, ДПИ сè уште нема целосно функционални електронски регистри и информациски систем за управување со инспекциските постапки. Апликацијата „Е-инспектор“ исто така не била целосно ставена во употреба.
Поради тоа, Инспекторатот нема единствена и комплетна електронска база во која би се користела методологија за проценка на ризик. Ревизорите сметаат дека тоа го отежнува планирањето на контролите, следењето на нивната реализација и навременото управување со инспекциските активности.
Забелешки има и во делот на безбедноста на производите. Во одделението задолжено за оваа област биле пополнети само пет од предвидените 14 работни места. Во периодот од 2022 до 2025 година биле користени странски акредитирани лаборатории за испитување на одредени производи, а врз основа на добиените резултати 40 производи биле повлечени од пазарот.
Ревизијата предупредува дека по завршувањето на проектите преку кои се обезбедувале средства за овие испитувања може да се појави проблем со нивното продолжување, бидејќи во буџетот на ДПИ нема доволно средства за редовно лабораториско тестирање во странство.
Утврден е проблем и со складирањето на предметите што инспекторите ги одземаат при контролите. ДПИ нема сопствени соодветни простории за нивно чување до предавањето на Агенцијата за управување со одземен имот. Според ревизорите, ваквата состојба носи ризик од несоодветно постапување, оштетување или губење на одземените предмети.
Пропусти се констатирани и во финансиското работење. Пописот на имотот и обврските не бил целосно извршен, а во него не биле опфатени градежните објекти и нематеријалните средства. За дел од утврдените вишоци и кусоци не биле предложени мерки за понатамошно постапување.
Дополнително, во материјалната евиденција не биле заведени канцелариски материјали во вредност од 1,107 милиони денари, обрасци поврзани со инспекцискиот надзор во вредност од 791 илјада денари, како и автомобилски гуми во вредност од 249 илјади денари.
Ревизорите ја разгледале и промената на статусот на ДПИ, кој по измените во законската регулатива продолжува да функционира во состав на Министерството за економија и труд, но без својство на правно лице.
За констатираните слабости Државниот завод за ревизија дал препораки за зголемување на бројот на инспектори, подобрување на организацијата, целосна дигитализација на инспекциските процеси, уредување на финансиската и материјалната евиденција и обезбедување соодветни услови за чување на одземените предмети.
Препораките се насочени и кон обезбедување средства за континуирани проверки на безбедноста на производите, како и подобрување на целокупниот систем на инспекциски надзор.

