HomeМКДЕкономијаМАКЕДОНСКИТЕ ЛУБЕНИЦИ СЕ ПОТЕШКО СЕ ПРОДАВААТ ВО СТРАНСТВО

МАКЕДОНСКИТЕ ЛУБЕНИЦИ СЕ ПОТЕШКО СЕ ПРОДАВААТ ВО СТРАНСТВО

Домашното производство на лубеници и дињи останува релативно стабилно, но Македонија постепено губи дел од предноста што ја имаше во надворешната трговија со лубеници. Додека извозот осцилира од година во година, увозот бележи силен раст и го намалува трговскиот суфицит.

Минатата година бостан бил засаден на речиси 5.000 хектари, од кои биле произведени 132.323 тони, односно просечно околу 26,5 тони по хектар. Производството во последната деценија главно се движи околу 130.000 тони годишно.

Податоците покажуваат дека во 2022 година Македонија извезла околу 11,4 милиони килограми лубеници, додека во 2023 година извозот паднал на околу 5,8 милиони килограми. Во 2024 година следувал раст до 10,2 милиони килограми, а во 2025 година биле извезени околу 7,4 милиони килограми.

Во исто време, увозот постојано се зголемува. Од околу 1,6 милиони килограми во 2022 година, количината пораснала на 2,2 милиони во 2023, речиси 2,9 милиони во 2024 и околу 4,8 милиони килограми во 2025 година. Само во првите седум месеци од годинава се увезени околу 5,9 милиони килограми, додека извозот изнесува околу 4,4 милиони килограми.

Чешка останува најзначајната странска дестинација за македонските лубеници и учествува со околу 36 проценти во извозот во првите седум месеци годинава. Следуваат Украина со 15 проценти, а Полска и Литванија со по околу осум проценти.

Интересно е што традиционалните пазари во регионот, како Србија и Косово, постепено имаат помало учество, додека се зголемува присуството на македонските лубеници во Централна и Источна Европа. Како пазари со повисоки извозни цени се издвојуваат Норвешка, Финска и Германија.

На пример, во првите седум месеци годинава Норвешка плаќала просечно околу 0,85 евра за килограм, Германија околу 0,55 евра, Украина 0,32 евра, а Чешка околу 0,22 евра за килограм.

Од друга страна, Албанија станува убедливо најголем извор на увезени лубеници во Македонија. Во последните пет години таа учествува со околу 78 проценти од вкупниот увоз, а во 2025 и 2026 година уделот достигнува речиси 89 проценти. Следуваат Грција со 16,3 проценти и Турција со 3,1 процент.

Така, иако Македонија сè уште извезува повеќе лубеници отколку што увезува на подолг рок, разликата значително се намалува. Односот меѓу извозот и увозот од 6,4 спрема 1 во 2022 година паднал на околу 1,3 спрема 1 годинава, што покажува дека увозот сè побрзо ја намалува досегашната извозна предност.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО