Aston Martin досега беше препознатлив по луксузните автомобили, но британската марка сега реши да привлече внимание и на две тркала. Во соработка со Brough Superior го претстави AMB 002 Roadster – првиот нивен мотоцикл развиен за легално возење по јавни патишта.
Дизајнот веднаш открива од каде доаѓа инспирацијата. Наместо само да го постави својот знак на постоечки мотоцикл, дизајнерскиот тим на Aston Martin директно учествувал во создавањето на изгледот. Карбонските елементи, видливата механика и специфичните детали го прават AMB 002 препознатлив уште на прв поглед.
Предниот дел носи стилски решенија инспирирани од автомобилите на Aston Martin, додека задниот дел дополнително ја нагласува врската со марката. Тенките светлосни елементи потсетуваат на моделите Vulcan, Valkyrie и Valhalla, а издувите се дизајнирани со детали што потсетуваат на автомобилите Vanquish, DB12 S и DBX S.
Под атрактивната каросерија се крие сериозна технологија. Мотоциклот добива нов 1.083-кубичен, водено ладен V2 мотор со 130 коњски сили и 110 Nm вртежен момент.
Целиот мотоцикл тежи само 190 килограми, а посебно внимание привлекува титаниумската рамка. Таа е изработена со машинска обработка од еден блок материјал и тежи само пет килограми. Карбон е употребен и за резервоарот и делови од каросеријата, додека распределбата на тежината е идеални 50:50.
Интересно решение е и предната суспензија, која не користи класична телескопска вилушка. Наместо тоа, применета е конструкција со двојни попречни рамена, со цел подобро да се контролираат силите при управување и сопирање и да се намали пропаѓањето на предниот дел при силно кочење.
За разлика од претходните AMB 001 и AMB 001 Pro, кои беа наменети исклучиво за тркачки патеки, новиот AMB 002 од почеток е конструиран за јавни патишта. Позицијата на возачот е нешто поопуштена, а производителите најавуваат комбинација од стабилност, агилност и прецизно управување.
Сепак, ретко кој ќе има можност да го види во живо. Aston Martin и Brough Superior планираат производство од само 300 примероци. Првите испораки се очекуваат во третото тримесечје од 2027 година, а почетната цена е околу 120.000 евра, без даноци и трошоци за испорака.
Со ограничената серија, високата цена и рачната изработка, AMB 002 уште од старт е позициониран повеќе како ексклузивен колекционерски мотоцикл отколку како секојдневно превозно средство.

