HomeМКДЃОРЃИЕВСКИ НАЈАВИ НОВИ АКЦИИ ПРОТИВ ДИВИТЕ ПРОДАВАЧИ

ЃОРЃИЕВСКИ НАЈАВИ НОВИ АКЦИИ ПРОТИВ ДИВИТЕ ПРОДАВАЧИ

Контролите против нелегалната продажба на јавни површини во Скопје ќе продолжат и во наредниот период, а инспекциските акции нема да бидат ограничени само на подрачјето околу Бит-пазар. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени постапувања и во близина на пазарите во другите скопски општини.

По последната акција на потегот од „Мавровка“ до Бит-пазар, градските и државните институции отстранија повеќе диви продажни места поставени на булеварот „Крсте Петков-Мисирков“, како и на пешачките и велосипедските патеки.

Во акцијата учествувале инспекциски служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, комунални инспектори на Град Скопје, Државниот пазарен инспекторат и припадници на Министерството за внатрешни работи. При контролите биле одземени околу 500 килограми храна, претежно земјоделски производи, а била отстранета и опремата користена за продажба.

Ѓорѓиевски порача дека јавните површини наменети за сообраќај, пешачење и велосипедизам не може да се претвораат во импровизирани пазари.

„Се знае каде е местото каде што треба да се продава. Не може некој да продава среде булевар, на пешачка или на велосипедска патека“, изјави градоначалникот.

Тој посочи дека продавачите имаат можност да ја пласираат стоката на пазарите, каде што постојат места наменети за таква дејност, а најави санкции за оние кои и покрај предупредувањата продолжуваат со прекршоците.

„Такви акции ќе продолжат и во наредниот период. Ако некој милува да добива и по десет пати казна за исто дело што го повторува, тоа говори за неговиот карактер, не говори за нашиот. Наша обврска е да создадеме ред“, порача Ѓорѓиевски.

Градоначалникот најави дека контролите ќе се спроведуваат и во други делови од главниот град. Освен во Чаир, инспекциски активности ќе има и во Кисела Вода, Центар и околу пазарите во останатите општини.

„Секаде ќе постапуваме, ред мора да има во градот“, истакна Ѓорѓиевски, додавајќи дека за повторното зафаќање на јавните површини со диви тезги нема да има толеранција.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО