HomeМКДПРОШИРУВАЊЕТО НА ЕУ НЕ СМЕЕ ДА СЕ БЛОКИРА СО БИЛАТЕРАЛНИ СПОРОВИ

ПРОШИРУВАЊЕТО НА ЕУ НЕ СМЕЕ ДА СЕ БЛОКИРА СО БИЛАТЕРАЛНИ СПОРОВИ

Идејата земјите кандидати постепено да се приближуваат до Европската Унија и пред формалното членство е можност што Северна Македонија сака да ја искористи, но според премиерот Христијан Мицкоски, процесот мора да се темели на исполнување на европските критериуми, а не на билатерални прашања.

Мицкоски коментирајќи ги најновите предлози на Европската комисија, оцени дека во рамките на Унијата веќе се забележува потребата да се спречи користењето на ветото за прашања кои не се непосредно поврзани со европската интеграција.

Според премиерот, членството во ЕУ не треба да се користи како инструмент за решавање спорови меѓу држави членки и земји кандидати, туку пристапниот процес треба да се оценува според реформите и исполнувањето на утврдените услови.

Мицкоски рече дека за ова прашање претходно разговарал и со европски лидери, меѓу кои германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон.

„Очигледно е дека ова е препознаено и дека постои свест дека членството во ЕУ не треба да се користи за отворање прашања кои немаат врска со европските вредности и процесот на пристапување“, изјави Мицкоски по посетата на новата детска градинка во Шуто Оризари.

Премиерот посебно ја поздрави најавата за постепена интеграција на кандидатите во одредени европски политики и механизми уште пред полноправното членство.

Тој смета дека Северна Македонија има добра основа за вклучување во ваквиот модел, бидејќи, според него, веќе се исполнети два од трите услови што се предвидуваат.

Еден од условите се однесува на реформите што секоја земја ќе треба да ги спроведе. Кои конкретно реформи ќе бидат побарани од Македонија, допрва треба да биде утврдено во разговори со Европската комисија.

Другиот услов се однесува на усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Мицкоски посочи дека Македонија веќе ја има постигнато потребната усогласеност во оваа област.

Како трет сегмент ги посочи јавните набавки, каде што Владата работи на реформи што треба да бидат финализирани и усвоени во Собранието.

„Две од трите услови ги исполнуваме, а за третиот дел очекуваме Европската комисија да ни ги достави конкретните барања за нашата држава“, рече премиерот.

Мицкоски најави дека Владата ќе продолжи со активностите за исполнување на условите, со цел земјата да добие можност за постепено вклучување во европскиот единствен пазар и во други политики и механизми на Унијата.

Предлогот на Европската комисија предвидува земјите кандидати постепено да добиваат пристап до одредени сегменти од европскиот систем и пред формалното пристапување. Во исто време, се предлагаат и дополнителни механизми за следење на обврските што ќе ги преземат идните членки, вклучително и мерки доколку по членството дојде до отстапување од преземените правила.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО