Најмалку 33 лица загинале, а уште 18 се повредени во утрински напад врз автобуска станица во Краматорск, во украинската Донечка област. Според првичните информации, руските сили употребиле наведувана бомба, при што биле погодени два автобуса со патници.
Информацијата за бројот на жртвите ја соопшти гувернерот на Донечката област, Вадим Филашкин. На фотографиите објавени по нападот се гледа целосно уништен и изгорен автобус, а последиците од нападот се видливи на поширокото подрачје.
По нападот, локалните власти во Краматорск и Славјанск донеле одлука за целосно запирање на јавниот превоз, како безбедносна мерка.
Филашкин го осуди нападот и обвини дека цивилното население повторно е изложено на директни удари. Тој порача дека нападот врз автобус со патници покажува колку опасна е ситуацијата за цивилите во градовите блиску до фронтот.
Краматорск и поширокото подрачје на Донечката област и претходно беа цел на руските напади. Според податоците на локалните власти, во другите делови од областа, пред нападот во Краматорск, биле убиени уште четири лица, додека шестмина биле повредени.
Во изминатите 24 часа биле регистрирани вкупно 31 напад врз населени места во регионот. Истовремено, од подрачјата блиску до линијата на фронтот биле евакуирани 256 лица, меѓу кои и 32 деца.
Украинските воздухопловни сили соопштија и дека во текот на ноќта на 8 октомври Русија извршила напад со 142 беспилотни летала „Шахед“. Од нив, според украинската страна, 82 биле со млазен погон. Украинската противвоздушна одбрана успеала да собори или електронски да неутрализира 126 дрона.
Краматорск во последниот период повторно се најде под силен притисок. Од градските власти потсетуваат дека и на 2 октомври руски дрон погодил автобус кој сообраќал на редовна линија. Тогаш биле повредени две лица.
Градот има особено значење за украинската одбрана во источниот дел на земјата. По преземањето на Доњецк од проруските сили во 2014 година, Краматорск фактички ја презеде улогата на административен центар на украинскиот дел од Донечката област.
Заедно со Славјанск, градот претставува дел од одбранбениот појас во Донбас и е важен логистички и воен центар. Неговата географска положба му дава големо стратешко значење, бидејќи областа претставува пречка за понатамошно руско напредување кон запад.
Токму затоа Краматорск и околината подолг период се меѓу најважните точки во воените операции во Донечката област. Потенцијалното губење на Краматорск и Славјанск би претставувало сериозен удар за украинската одбранбена линија во овој дел од земјата и би создало дополнителен простор за руските сили да продолжат со напредувањето.

