По едногодишна пауза од прекинот на производството на првата генерација, Jeep официјално го најави враќањето на Renegade на европскиот пазар. Сепак, љубителите на компактните теренци ќе мора да почекаат, бидејќи новиот модел не се очекува пред 2030 година.
Од компанијата Stellantis, во чија групација се наоѓа Jeep, посочуваат дека новиот Renegade ќе биде важен дел од планот за зајакнување на присуството на брендот во Европа и привлекување поширок круг купувачи.
Првата генерација на моделот беше претставена во 2014 година, а во текот на 11 години на европскиот пазар беа продадени повеќе од 610.000 примероци. Со тоа Renegade остави значаен белег во сегментот на компактни SUV-возила, а најавата за негов наследник доаѓа по долг период на шпекулации.
Враќањето на моделот е дел од пошироката стратегија на Jeep, со која до 2030 година европската понуда треба да опфати шест модели. Меѓу нив веќе се Avenger, позициониран во класата на помали SUV-возила, и Recon, кој припаѓа на поголемиот сегмент.
Плановите предвидуваат и дополнително проширување на понудата. Во 2028 година се очекува нов модел во класата на Recon, за кој се споменува можноста да биде развиен во соработка со кинескиот производител Dongfeng.
Засега не се објавени конкретни технички податоци за новиот Renegade, но очекувањата се дека ќе ја користи новата модуларна платформа STLA One. Станува збор за архитектура предвидена за различни типови возила, со можност за вградување целосно електрични, хибридни и класични мотори со внатрешно согорување.
Извршниот директор на Stellantis, Антонио Филоса, претходно потврди дека Peugeot ќе биде првиот бренд во групацијата што ќе ја користи оваа платформа. Потоа, нејзината примена треба да се прошири и на други марки на компанијата во Европа и Северна Америка.
Иако деталите за моторите и перформансите на новиот Renegade сè уште се непознати, флексибилноста на платформата остава простор за повеќе погонски варијанти. Jeep воедно потврдил дека новиот модел, како и идните возила наменети за европскиот пазар, ќе се нуди и со погон на сите четири тркала, односно 4×4.
Во најавената европска моделска гама се појавува и уште едно ново возило, кое би требало да биде позиционирано над Renegade во категоријата „B-SUV Large“. Се очекува и тоа да ја користи архитектурата STLA One, но засега нема дополнителни информации за неговиот изглед, моторизацијата и датумот на премиера.
Со планираното враќање на Renegade, Jeep најавува поширока понуда за европските купувачи, во период кога автомобилската индустрија сè повеќе се насочува кон електрификација и различни типови погонски системи.

