Нов инцидент со беспилотно летало ја крена безбедносната тревога во балтичкиот регион, откако дрон се урна во северниот дел на Литванија, членка на НАТО и Европската Унија. Остатоците од леталото оштетиле автомобил, но според првичните информации нема повредени. Сè уште не е утврдено дали дронот носел експлозив, а надлежните служби започнале истрага за неговото потекло и причините за падот.
Литванскиот министер за одбрана Робертас Каунас соопшти дека леталото најверојатно влегло во литванскиот воздушен простор од соседна Полска. Шефот на Националниот центар за управување со кризи, Вилмантас Виткаускас, потврди дека при падот бил оштетен приватен автомобил.
Поради опасноста од непознатиот објект, властите претходно ги повикаа жителите во централните и северните делови на земјата да побараат засолниште. Во меѓувреме, борбени авиони од мисијата на НАТО за воздушно патролирање биле испратени во областа, а аеродромот во Каунас бил затворен околу еден час.
Инцидентот доаѓа во период на зголемена загриженост поради движењето на беспилотни летала во воздушниот простор на земјите членки на НАТО во балтичкиот регион. И полската војска во текот на истиот ден пријавила сомнеж за нарушување на својот воздушен простор.
Украинското Министерство за надворешни работи изрази жалење поради можноста дека украински дронови навлегле во литванскиот воздушен простор. Како можна причина за инцидентот го посочи руското електронско војување, за кое тврди дека може да го наруши управувањето со беспилотните летала и да ги оттргне од планираната маршрута.
Портпаролот на украинското Министерство, Хеорхиј Тихиј, на социјалната мрежа Икс наведе дека дроновите можеби биле пренасочени од руските системи за електронско попречување за време на операција насочена кон воени цели во Русија.
Од Киев изразија извинување за евентуалните проблеми, ризици и загриженост што ги предизвикал настанот и најавија дека ќе ги споделат релевантните информации со литванските партнери за да се утврдат сите околности.
Засега останува нејасно како точно дронот се нашол на литванска територија, дали бил вооружен и што довело до неговото уривање. Истрагата треба да даде одговори на овие прашања, во време кога нарушувањата на воздушниот простор во близина на руско-украинскиот конфликт предизвикуваат сè поголема загриженост кај сојузниците од НАТО.

