Лионел Меси повторно покажа дека и на 39 години може да биде кошмар за противничките одбрани. Аргентинската фудбалска ѕвезда постигна два гола во победата на Интер Мајами над Атланта со 3:1, а посебно внимание привлече неговата реакција по еден мајсторски потег, кога реши и дополнително да го испровоцира противничкиот фудбалер.
Интер Мајами го отвори резултатот во самиот финиш на првото полувреме. Во 45. минута Герман Бертераме ја затресе мрежата на домаќините по асистенција на Луис Суарез, носејќи им предност на гостите пред паузата.
Во вториот дел на сцената стапи Меси. Во 56. минута аргентинскиот ас погоди за 2:0, а само четири минути подоцна приреди потег што стана еден од најзабележителните моменти на натпреварот.
По ново додавање од Суарез, Меси се најде очи в очи со одбранбен играч на Атланта. Со препознатлив дриблинг го исфрли од рамнотежа, го заобиколи и потоа прецизно ја испрати топката во мрежата за убедливи 3:0.
Но, вниманието не го привлече само голот. По реализацијата, Меси му гестикулираше на противникот со прстот, покажувајќи му како успеал да го надмудри. Ваквата реакција е невообичаена за Аргентинецот, кој во текот на кариерата е познат по своите неверојатни дриблинзи, но многу поретко по директно провоцирање на ривалите.
Атланта успеа да го ублажи поразот во 89. минута, кога Фафа Пико погоди за конечни 3:1. Сепак, натпреварот остана во знакот на Меси, кој со два гола и потегот што предизвика реакции уште еднаш потврди дека и натаму е главна фигура во играта на Интер Мајами.

