HomeМКДСУДОВИТЕ И ПОНАТАМУ БЕЗ НОВИ ВРАБОТУВАЊА

СУДОВИТЕ И ПОНАТАМУ БЕЗ НОВИ ВРАБОТУВАЊА

Иако Владата во март најави финансиска поддршка за 200 нови вработувања во судовите низ Македонија, ветениот кадровски засилувач сè уште не е реализиран. Седум месеци по најавата на премиерот Христијан Мицкоски, во судската власт не е вработен ниту еден нов службеник од планираните.

Од Судскиот совет за БИРН потврдиле дека Министерството за финансии досега нема издадено индивидуални согласности за ниту едно од предвидените вработувања. Така, најавената мерка, која Мицкоски во март ја оцени како „навистина голем потег“, останува нереализирана.

Во меѓувреме, државниот буџет веќе беше изменет со летниот ребаланс, а во текот на октомври пред пратениците се најде и нов предлог за негово прекројување. Сепак, средствата планирани за плати и надоместоци во новиот предлог остануваат на истото ниво како и во јулскиот ребаланс.

Недостигот од вработени особено се забележува во Кривичниот суд во Скопје. Неговата претседателка Даниела Димовска на септемвриски брифинг информираше дека од предвидените 628 работни места се пополнети само 208. Во изминатите пет години бројот на вработени се намалил за 131, а до крајот на годинава се очекува пензионирање на уште осум службеници.

Слична е состојбата и во судството на национално ниво. Според извештајот на Судско-буџетскиот совет за 2025 година, од планираните 4.751 работно место за судска служба биле пополнети само 1.803, што укажува на сериозен недостиг од човечки ресурси.

Проблемот не е ограничен само на неисполнетата најава за 200 нови работници. Во текот на 2025 година, Судско-буџетскиот совет трипати доставил планови за вработување, но сите три добиле негативно мислење од Министерството за финансии.

„Во текот на 2025 година не е реализирано ниту едно вработување или унапредување во судската власт“, се наведува во извештајот. Како дополнителен проблем се посочува постојаното намалување на бројот на вработени поради пензионирања, спогодбени заминувања и други причини.

Истовремено, речиси 80 проценти од средствата наменети за судството одат за плати, што дополнително го отвора прашањето за начинот на кој се планираат и обезбедуваат потребните човечки ресурси.

На недостигот од кадар во правосудството укажува и Европската комисија во извештајот за напредокот на земјава за 2025 година. Во документот се оценува дека ваквата состојба предизвикува загриженост бидејќи се одразува врз квалитетот и ефикасноста на правосудниот систем.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО