Сè поголемото незадоволство меѓу младите во Европа не смее да се сведе само на инцидентите и судирите за време на протестите. Зад излегувањето на улиците стојат сериозни проблеми – недостапно домување, сиромаштија и страв од неизвесна иднина, предупреди претседателот на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), Шеамус Боланд.
Тој ги повика европските влади и институции да воспостават посериозен дијалог со младите, наместо нивните барања да ги набљудуваат исклучиво низ призмата на насилството. Боланд ова го порача во Брисел, осврнувајќи се на протестите во повеќе европски градови, меѓу кои Париз, Даблин и Атина.
„Не треба да ги осудуваме младите затоа што ги изразуваат своите ставови и загриженоста за иднината. Тие се иднината“, истакна Боланд.
Европскиот економски и социјален комитет, советодавно тело на ЕУ во кое членуваат 327 претставници на работодавачите, синдикатите и граѓанското општество, организираше конференција посветена на искоренувањето на сиромаштијата.
Неговите пораки доаѓаат во период на протести во различни европски земји. Во Атина, студентите поставија шатори на плоштадот пред парламентот, откако претходно протести беа одржани и во Мадрид и Лисабон. Во Париз, дел од демонстрантите влегоа во судири со полицијата.
Боланд, кој и самиот се соочил со сиромаштија, смета дека фактот што студентите мора да протестираат за да бидат слушнати покажува дека институциите немаат доволно ефикасни механизми за комуникација со младите.
„Тие протестираат затоа што не веруваат дека нивниот глас стигнува до парламентите и институциите“, предупреди тој.
Боланд го осуди насилството и повика демонстрантите да го избегнуваат, предупредувајќи дека ваквите инциденти можат да доведат и до човечки жртви. Сепак, според него, властите не смеат да ги користат насилните сцени како причина да ги игнорираат суштинските барања на граѓаните.
Како главни извори на незадоволството ги посочи високите трошоци за домување, тешкиот пристап до здравствените услуги и образованието, како и распространетата сиромаштија. Кога луѓето не можат да си обезбедат дом или соодветни услови за своите деца, нивната доверба во институциите неизбежно се доведува во прашање, предупреди тој.
Боланд смета дека европските лидери треба појасно да покажат дека ја разбираат сериозноста на станбената криза, вклучително и преку прогласување вонредна состојба на европско ниво. Таквиот чекор, според него, би испратил порака дека институциите се подготвени да преземат конкретни мерки.
Тој оцени дека досегашните иницијативи за решавање на станбеното прашање се позитивен чекор, но не се доволни без долгорочни решенија за изградба на социјални и достапни станови. Меѓу предизвиците ги наведе финансирањето, улогата на банките, недостигот од квалификувани работници и регулативите што ја забавуваат изградбата.
Дополнителна загриженост, според Боланд, предизвикуваат и предлозите за идниот повеќегодишен буџет на Европската Унија, особено можноста за намалување на средствата наменети за социјалните политики.
„Предлогот за повеќегодишната финансиска рамка е разочарувачки бидејќи со него се потиснува социјалната димензија“, изјави тој, предупредувајќи дека занемарувањето на социјалните потреби може да ја ослабне довербата во европските институции.
Во ЕУ се водат преговори за заедничкиот буџет за периодот од 2028 до 2034 година. Дел од побогатите членки, меѓу кои Германија и Холандија, бараат намалување на заедничките средства, бидејќи во буџетот уплаќаат повеќе отколку што добиваат назад.
Боланд предупреди дека без поголеми инвестиции во социјалната заштита и решавањето на станбената криза, европските институции ризикуваат дополнително да ја продлабочат недовербата кај граѓаните, особено кај младите кои сè потешко гледаат перспектива за стабилен и сигурен живот.

