Албанија се соочува со нов бран политички немири, откако антивладините демонстранти се собраа пред парламентот во Тирана и ја пробија заштитната ограда. Протестите продолжуваат десетти ден по ред, а незадоволството од владата на премиерот Еди Рама во повеќе наврати прерасна во жестоки судири со полицијата.

Рама и трет ден по ред јавно повикува на мирен дијалог, но досегашните обиди за смирување на ситуацијата не дадоа видлив резултат. Пред зградата на владата повторно биле поставени камени клупи со натпис „Дијалог“, кои претходно студентите ги користеле како барикади.

Демонстрантите, сепак, ги отфрлиле ваквите пораки. Во изминатите два дена дел од нив демонстративно ги уништиле столчињата поставени пред владината зграда како симбол на понудениот дијалог.
Тензии имало и во парламентот, каде што дошло до физички инциденти меѓу пратениците. Пратеникот на Демократската партија, Фламур Нока, се упатил кон делот од салата во кој седи владејачкото мнозинство за да ги земе своите гласачки картички, а му се придружиле и други пратеници. Ситуацијата дополнително се заострила кога пратеникот Фидел Крека го оштетил гласачкото ливче, а потоа го турнал поранешниот министер за внатрешни работи Ервин Хоџа.
Иако во текот на денот се чинело дека животот во Тирана постепено се враќа во нормала, со повторно отворање на банките и продавниците што претрпеле штета во првите денови од немирите, вечерта повторно донела ескалација.
По неколкучасовно затишје, помали групи маскирани млади лица повторно се собрале на централниот Плоштад на мачениците на нацијата. Според извештаите од теренот, во близина на канцелариите на премиерот биле фрлани молотови коктели, а демонстрантите ја гаѓале полицијата со камења. Безбедносните сили одговориле со водени топови за да ја растераат толпата.

Полициски единици останале распоредени на клучните локации во градот во текот на ноќта.
Кризата предизвика загриженост и кај меѓународната заедница. Албанскиот претседател Бајрам Бегај одржал одделни средби со амбасадорите на Соединетите Американски Држави и на неколку земји членки на Европската Унија. Деталите од разговорите засега не се објавени.
Протестите започнале во октомври, кога студенти излегле на улиците поради високите школарини, лошите услови во универзитетските кампуси и проблемите во образовниот систем. Студентското незадоволство набргу прераснало во пошироко движење против корупцијата, високите трошоци за живот и долгогодишното владеење на Рама.
Дополнително незадоволство предизвикале и обвинувањата за прекумерна употреба на полициска сила, како и апсењата на стотици демонстранти, според извештаите за протестите.
Демонстрантите порачуваат дека нема да се повлечат додека не издејствуваат оставка од премиерот. Владата, пак, одбива да попушти пред она што го опишува како притисок и насилство.
Со продолжувањето на протестите и новите судири, политичката криза во Албанија станува сè посериозна, додека засега нема знаци дека двете страни се приближуваат кон решение.


