Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека Куба ќе биде следната цел на неговата администрација откако ќе се реши конфликтот со Иран. На предизборен собир во Форт Мајерс, Флорида, тој упати остри пораки до комунистичкото раководство во Хавана и навести можни понатамошни потези на Вашингтон кон островската држава.
Во говорот што траел околу 90 минути, Трамп повторно зборувал за можноста за нови воени дејствија против Иран, додека неговата администрација се обидува да се справи со растот на цените на нафтата. Поскапувањето на енергенсите создава политички притисок врз републиканците пред изборите закажани за 3 ноември.
Обраќајќи им се на постарите жители на Флорида, американскиот претседател најавил и инвестиција од 250 милиони долари за вработување најмалку 5.000 медицински сестри и техничари во установи за грижа за стари лица низ САД.
Сепак, најголемо внимание предизвикаа неговите изјави за Куба. Трамп рече дека американските поморски сили, кои во моментов се ангажирани во операциите поврзани со Иран, на враќање би можеле да се приближат до кубанскиот брег.
„Еден од бродовите ќе застане на околу 50 јарди од брегот. Тие ќе ги кренат рацете во знак на предавање, а потоа ќе го испратиме Марко Рубио да ја заврши работата“, изјави Трамп, алудирајќи на американскиот државен секретар, кој има важна улога во креирањето на политиката на Вашингтон кон Куба.
Рубио, поранешен сенатор од Флорида, со години се залага за цврст пристап кон кубанските власти. Трамп, според Ројтерс, ја засилил реториката кон Хавана во својот втор претседателски мандат, отворено најавувајќи дека сака суштински промени во управувањето со островот.
Собирот на Флорида имаше и изборна димензија. Трамп настапи во поддршка на републиканскиот конгресмен Бајрон Доналдс, кој се кандидира за гувернер на Флорида против демократот Дејвид Џоли. Кубанско-американската заедница претставува значаен дел од гласачкото тело во оваа сојузна држава, а Трамп на претходните избори освоил голема поддршка меѓу овие гласачи.
Притисокот врз Куба се зголеми и преку американските ограничувања поврзани со снабдувањето со нафта. Земјата се соочува со сериозен недостиг на гориво и чести прекини на електричната енергија, проблеми што дополнително ги продлабочуваат тешкотиите предизвикани од дотраената инфраструктура.
Трамп претходно ја опиша Куба како „пропадната држава“ и порача дека на островот ќе дојде слобода. Неговите изјави предизвикаа реакции од кубанските власти, кои се противат на американскиот притисок и ограничувањата.
Мерките на Вашингтон наидоа и на критики од експерти на Обединетите нации за човекови права, кои ја осудија нафтената блокада, оценувајќи дека таа го прекршува меѓународното право.
Иако Трамп не соопшти конкретен план за воена операција против Куба, неговите најнови изјави покажуваат дека американската администрација продолжува да врши притисок врз Хавана, додека вниманието на Вашингтон останува насочено и кон конфликтот со Иран.

