Вториот ребаланс на буџетот отвора прашања за одржливоста на јавните финансии и за тоа колкав дел од новото задолжување навистина ќе заврши во инвестиции, а колкав ќе се искористи за покривање на тековните расходи. Според оценките на Фискалниот совет, намалувањето на капиталните расходи, високиот буџетски дефицит и растот на социјалните трансфери укажуваат на промена во структурата на буџетските трошења.
Со ребалансот, средствата за капитални расходи, заедно со ставката КАПЕФ, се намалуваат од 46,5 на 40,1 милијарда денари. Во исто време, буџетскиот дефицит останува на 46,3 милијарди денари, односно 4,1 процент од бруто-домашниот производ. Така, планираниот дефицит е за околу 100 милиони евра повисок од средствата предвидени за капитални расходи.
Фискалниот совет предупредува дека ваквиот сооднос отстапува од принципот задолжувањето првенствено да се користи за финансирање инвестиции што ќе создаваат долгорочна економска вредност.
Паралелно со намалувањето на капиталните расходи, социјалните трансфери се зголемуваат за околу 3,7 милијарди денари. Од оваа сума, 1,34 милијарди денари се наменети за пензии, 1,44 милијарди за социјални надоместоци, а 887 милиони денари за здравствена заштита.
Притисокот врз буџетот е видлив и во динамиката на трошењето. До крајот на август, буџетскиот дефицит достигнал 38,2 милијарди денари, што претставува 82,5 проценти од планираниот годишен износ. Во меѓувреме, бруто-задолжувањето се зголемило за околу 11,3 милијарди денари, достигнувајќи 152,5 милијарди денари.
Дополнителна загриженост предизвикува и јавниот долг, кој на крајот на јуни изнесувал 58,8 проценти од БДП, приближувајќи се до законскиот праг од 60 проценти. Истовремено, доспеаните, а неисплатени обврски на јавниот сектор надминуваат 700 милиони евра.
Владата, пак, го оправдува вториот ребаланс со променетите економски услови, пониските приходи од акцизите поради мерките поврзани со горивата и побавното спроведување на дел од капиталните проекти. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска посочува дека со ребалансот не се зголемува дополнително дефицитот, туку расходите се приспособуваат на реалната динамика на приходите и реализацијата на проектите. Според неа, продолжува поддршката за граѓаните, здравството и приоритетните инвестиции.
Клучното прашање, сепак, не е само колку државата се задолжува, туку и за што ги користи позајмените средства. Доколку задолжувањето сè повеќе служи за покривање на тековните потреби, а помалку за изградба на инфраструктура и други продуктивни инвестиции, се отвора прашањето како ќе се обезбедат идниот економски раст и средствата за отплата на долгот.

