Американска судијка ѝ нареди на Министерството за правда да престане да им се заканува со кривичен прогон на државните и локалните изборни функционери кои нема да ги исполнат барањата на администрацијата на Доналд Трамп поврзани со гласањето на лица за кои постои сомнеж дека не се државјани на САД.
Одлука донесена неколку дена пред изборите
Одлуката доаѓа само неколку дена пред американските избори на средината на претседателскиот мандат, познати како „мидтерм“ избори, кои ќе одредат кој ќе ја контролира Конгресот. Републиканците во моментов имаат тесно мнозинство и во Претставничкиот дом и во Сенатот.
Иако исходот од неколку клучни изборни трки е неизвесен, анкетите им даваат предност на демократите за преземање на контролата врз Претставничкиот дом, а им даваат и реална шанса да освојат мнозинство во Сенатот.
Во месеците пред изборите, администрацијата на претседателот Доналд Трамп зазеде агресивен пристап кон надзорот на изборниот процес. Меѓу другото, вршеше притисок врз сојузните држави да достават податоци за регистрираните гласачи, со образложение дека се потребни построги мерки за да се гарантира безбедноста на изборите и довербата на јавноста во изборниот процес.
Сепак, Министерството за правда овој месец ги пречекори границите кога им се закани со кривичен прогон на државните и локалните функционери кои нема да соработуваат со изборните иницијативи на администрацијата на Трамп.
Што одлучи судијката?
Одлуката ја донесе американската окружна судијка Трина Томпсон, постапувајќи по тужба поднесена од синдикати на изборни работници и неколку други организации.
„Бидејќи јавноста има исклучителен интерес изборните функционери и работници да можат да ја извршуваат својата работа во согласност со федералниот закон и изборните процедури, а имајќи предвид дека до изборниот ден остануваат само неколку дена, рамнотежата на интересите – и правните и јавните – е во корист на тужителите“, напишала судијката Томпсон во привремената судска забрана.
Министерството за правда веднаш не ја коментираше одлуката.
Критичарите, меѓу кои политички експерти и изборни функционери од редовите на демократите, но и некои републиканци, сметаат дека потезите на администрацијата на Трамп претставуваат пречекорување на овластувањата на федералната власт.
Некои изборни функционери за „Ројтерс“ изјавиле дека се подготвувале за можно вмешување на федералните власти во изборите на средината на мандатот.
Што преземаше администрацијата на Трамп?
Судијката Томпсон, која беше именувана од поранешниот претседател Џо Бајден, ѝ нареди на администрацијата на Трамп да престане да бара од локалните изборни функционери да отстрануваат гласачи од државните избирачки списоци, да им ги ускратуваат гласачките ливчиња на одредени гласачи или да ги издвојуваат ливчињата доставени на изборите на средината на мандатот.
Сите овие барања се засновале на списоци со лица за кои администрацијата на Трамп тврди дека не се државјани на САД, а кои самата ги составила.
Трамп и претходно изнесуваше невистинити тврдења поврзани со изборите, меѓу кои и одбивањето да го признае сопствениот пораз на претседателските избори во 2020 година.

