HomeТРЕНДCASIO ПРЕТСТАВИ НОВ G-SHOCK КОЈ ПОТСЕТУВА НА ЛУКСУЗНИОТ PATEK PHILIPPE NAUTILUS

CASIO ПРЕТСТАВИ НОВ G-SHOCK КОЈ ПОТСЕТУВА НА ЛУКСУЗНИОТ PATEK PHILIPPE NAUTILUS

Јапонскиот производител „Casio“ ја претстави новата серија часовници G-Shock 2500, која привлекува внимание со дизајнот што потсетува на еден од најпознатите и најскапи модели во светот на часовниците – Patek Philippe Nautilus.

Новата колекција ги комбинира препознатливата робусност на G-Shock со поелегантен изглед, а наместо класичниот дигитален дисплеј, моделите имаат аналогни стрелки.

Инспирацијата за новата серија доаѓа од првиот G-Shock, моделот DW-5000C од 1983 година. Тој бил создаден со идеја да издржи силни удари и падови. Во текот на развојот, инженерите на Casio спроведувале необични тестирања, меѓу кои и фрлање прототипови од прозорец на трет кат.

Она што најмногу ја издвојува новата серија се страничните делови на куќиштето, кои визуелно потсетуваат на препознатливите форми на Patek Philippe Nautilus. Луксузниот модел беше дизајниран од Жералд Гента во 1976 година, а неговиот изглед бил инспириран од прозорците на бродовите.

Ова не е првпат Casio да претстави часовник кој потсетува на познати луксузни модели. Серијата GA-2100, на пример, поради осумаголниот облик на рамката го доби прекарот „CasiOak“, поради сличноста со Audemars Piguet Royal Oak. Новите модели веќе меѓу љубителите на часовници го добија и неформалниот прекар „CasioNaut“.

Покрај дизајнот, G-Shock 2500 ги задржува и функционалностите по кои е познат брендот. Часовниците имаат систем Multi-Mission Date, кој овозможува прикажување датум, информации од штоперицата и други податоци. На бројчаникот има и посебен приказ за секундите, кој може да се исклучи за да се продолжи траењето на батеријата до пет години.

Меѓу останатите карактеристики се LED-осветлување, автоматски календар до 2099 година и механизам за автоматско враќање на стрелките во правилна положба по силни удари. Часовниците се водоотпорни до 200 метри.

Новата серија ќе се продава во неколку изведби и бои. Цените во Европа започнуваат од 129 евра за моделите со куќиште и ремче од смола. Верзиите со метални детали ќе чинат 249 евра, моделот со златни детали 269 евра, додека часовниците со метална нараквица ќе достигнат цена од 319 евра.

Според најавите на Casio, европската продажба треба да започне на 7 ноември.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО