Одземањето на незаконски стекнатиот имот и поефикасното гонење на високата корупција ќе бидат меѓу главните цели на најавените реформи во правосудството, најави министерот за правда Јетон Шасивари на форумот ЕУ – Западен Балкан во Будва.
Во подготовка се нов Кривичен законик и нов Закон за кривичната постапка, со кои се предвидуваат построги казни за коруптивните дела и поефикасни механизми за конфискација на имотот.
Најавени се и измени на законите за спречување корупција и судир на интереси, заштита на укажувачите и лобирање, со цел поголема контрола врз имотната состојба и одговорност на институциите.
Шасивари посочи дека успешното решавање на предметите од високата корупција е важен показател за независноста на судството. Тој ја нагласи и потребата од меѓународна соработка и размена на информации во борбата против корупцијата.
„Криминалот не смее да се исплати, а незаконски стекнатиот имот не смее да остане во рацете на сторителите“, порача министерот.

