По осум години отсуство од пазарот, легендарниот Fiat Punto би можел повторно да стане дел од понудата на италијанскиот производител. Новиот извршен директор Арно Белони смета дека прекинувањето на производството на овој модел било погрешна одлука и најавува враќање во европскиот Б-сегмент.
Иако Fiat веќе го нуди моделот Grande Panda, раководството смета дека има простор за уште еден градски автомобил, кој би им конкурирал на популарните модели со бензински и хибридни мотори, пред сè на Renault Clio.
Punto за првпат беше претставен во 1993 година како наследник на Uno. Низ три генерации успеа да изгради препознатливо име меѓу европските автомобили, но неговото производство заврши во 2018 година, без да биде најавен директен наследник.
Во разговор за француското списание L’Automobile Magazine, одржан за време на Саемот за автомобили во Париз, Белони јасно ставил до знаење дека повторното присуство во овој сегмент е важно за иднината на марката.
Според него, повлекувањето на Punto му овозможило на Renault да ја зацврсти позицијата со моделот Clio. Дополнително, прекинот на производството на Ford Fiesta и отсуството на нов Volkswagen Polo ја намалиле конкуренцијата, оставајќи му повеќе простор на францускиот автомобил.
Новиот Punto нема да се потпира на ретро-дизајнот карактеристичен за Fiat 500 и Grande Panda. Наместо тоа, се очекува целосно нов изглед, ослободен од потребата да ги следи стилските решенија на претходните генерации. Целта е автомобилот да добие сопствен карактер и да се разликува од останатите модели на компанијата.
Во иднина, новиот модел би можел да послужи и како основа за спортска изведба под брендот Abarth. Таквата верзија би била насочена кон љубителите на компактни спортски автомобили, сегмент во кој по повлекувањето на Ford Fiesta ST и Volkswagen Polo GTI остана значителна празнина.
Промени се најавуваат и во поглед на моторизацијата. За разлика од претходните идеи за целосно електричен наследник, актуелниот план предвидува бензински и хибридни верзии. Со тоа Fiat би можел да им понуди поголем избор на купувачите и да одговори на различните потреби на европскиот пазар.
Како техничка основа за новиот автомобил се разгледува платформата CMP/eCMP на групацијата Stellantis, која веќе се користи кај повеќе модели на концернот. Нејзината предност е можноста за примена на различни погонски решенија, што би го олеснило развојот на новиот Punto.
За разлика од Grande Panda, која ја користи платформата Smart Car, споделена со Citroën C3, новиот модел би можел да биде поставен во повисока категорија. Пристапот до заедничките технологии и компоненти на Stellantis би му овозможил на Fiat да ги ограничи трошоците и да избегне скап самостоен развој.
Засега нема официјална информација кога ќе биде претставена новата генерација. Сепак, плановите на раководството упатуваат на можноста Punto повторно да се појави пред крајот на оваа деценија, со главен фокус на европските купувачи.

