HomeМКДГАШИ ГО БРАНИ СВОЈОТ СТАВ ЗА ПРЕСУДАТА ВО ХАГ

ГАШИ ГО БРАНИ СВОЈОТ СТАВ ЗА ПРЕСУДАТА ВО ХАГ

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, го образложи својот став по првостепената пресуда на Специјализираните совети во Хаг против поранешните водачи на ОВК, посочувајќи дека функцијата што ја извршува не го лишува од правото да има личен став како граѓанин и политичар.

По пресудата, со која Хашим Тачи и Јакуп Красниќи беа осудени на по 25 години затвор, Кадри Весели на 18, а Реџеп Селими на 13 години за воени злосторства, Гаши преку социјалните мрежи порача дека тие за дел од албанската јавност и натаму се доживуваат како ослободители на Косово. Пресудата е првостепена, а одбраната најави жалби.

Гаши оцени дека војната на ОВК, жртвите и улогата на нејзините припадници се дел од процесот кој довел до слободата на Косово, додавајќи дека судската постапка продолжува со можност за жалбена постапка.

Неговата изјава предизвика реакции од опозицијата. Од СДСМ порачаа дека како претседател на Собранието Гаши има посебна институционална одговорност и дека судската одлука треба да се третира како одлука против конкретни лица, а не како пресуда против цел народ или против правото на Косово на слобода.

Во меѓувреме, Гаши се осврна и на работата на Собранието и проблемите со обезбедувањето Бадентерово мнозинство за дел од законите. Тој посочи дека решението треба да се бара преку разговор меѓу пратеничките групи и политички дијалог.

Според него, потребно е да се најде начин за надминување на разликите за Собранието да може непречено да ги носи законите што се во негова надлежност.

За 123. пленарна седница, закажана за 29 септември, се предвидени десет предлог-закони кои се поднесени по скратена постапка, меѓу кои и законски решенија поврзани со јавната администрација и високата служба. Гаши појасни дека доколку некој од предлозите не го добие потребното Бадентерово мнозинство, постапката за него завршува и истиот предлог не може повторно да биде поднесен во наредните три месеци.

На денешната координација со координаторите на пратеничките групи била отворена и темата за измените на Изборниот законик. Партиите, според Гаши, прво треба да ги усогласат своите ставови во рамките на сопствените структури, по што би можело да продолжи работата во рамки на работната група.

Во однос на законските измени поврзани со минималната плата, Гаши најави дека тие треба да се најдат на дневен ред на седница на почетокот на октомври. Тој лично смета дека приходите треба да растат, а повисоката минимална плата би имала влијание и врз просечната плата.

На координацијата било разговарано и за работата на собраниските анкетни комисии, вклучително и за барањата на семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани. Гаши рече дека официјално сè уште нема добиено писмено барање од родителите преку собраниската архива или електронската пошта, но дека ја видел нивната иницијатива објавена јавно и ќе провери за што станува збор.

Според него, меѓу пратеничките групи постојат различни ставови околу тоа дали прво треба да заврши работата на постојната анкетна комисија или двете комисии да функционираат паралелно. Од „Левица“, како што информира Гаши, има најава дека постојната комисија би можела да биде свикана на почетокот на октомври.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО