По долгогодишно запуштање, познатите градски цвеќарници во Скопје повторно ќе бидат ставени во функција. Во тек се активности за реконструкција на објектите на ЈП „Паркови и зеленило“, со цел тие повторно да станат уредени и достапни места за купување цвеќе.
Станува збор за цвеќарницата „Роза“ на булеварот „Илинден“, спроти фонтаната „Лотос“, како и за цвеќарницата во близина на Министерството за економија.
Овие локации со години беа дел од градското секојдневие и спомените на многу скопјани. Таму граѓаните купуваа букети за свадби, родендени, честитки и други важни животни моменти.
Со најавената обнова, просториите треба повторно да добијат уреден изглед и да им служат на граѓаните. Предвидено е цвеќето и услугите да се нудат по пристапни цени, со цел да бидат достапни за поширок круг купувачи.
Реконструкцијата е дел од активностите за обновување на градските простори и враќање на нивната некогашна намена. По завршувањето на работите, цвеќарниците треба повторно да станат препознатливи места во градот.

