Најавената промена со која околу 6.000 лица ангажирани во јавниот сектор би можеле да добијат редовен работен однос отвори прашања за начинот на кој ќе се спроведува постапката. Од ДОМ сметаат дека решавањето на статусот на овие работници е оправдано, но предупредуваат дека без прецизни правила и контрола постои ризик процесот да не се спроведе врз основа на стручност и професионални квалификации.
Со предложениот закон се предвидува трансформација на различни форми на ангажман во траен работен однос. Можноста би ги опфатила лицата кои работат со договори на дело, авторски договори, договори на определено време, како и оние ангажирани преку агенции.
Од ДОМ посочуваат дека луѓето кои со години работат во институциите имаат потреба од сигурност и јасно регулиран работен статус. Сепак, според нив, предлогот не дава доволно одговори за тоа како ќе се гарантираат стручноста, компетентноста и еднаквиот пристап до вработување.
Како еден од главните недостатоци го наведуваат отсуството на конкретни податоци за тоа во кои институции ќе бидат распоредени лицата опфатени со процесот. Не е прецизирано ниту дали сите постојни ангажмани произлегуваат од реална потреба за дополнителен кадар.
Од партијата сметаат дека ваквиот пристап е во спротивност со заложбите на министерот за јавна администрација Горан Минчев, кој јавно се залага за департизација и професионализација на институциите.
Според ДОМ, доколку компетентноста навистина треба да биде основен критериум за работа во администрацијата, истите принципи мора да се применат и при трансформацијата на постојните договорни ангажмани.
Затоа, партијата бара процесот да се спроведе со јавно достапни и прецизно утврдени критериуми, претходна анализа на потребите за секое работно место и проверка на квалификациите на лицата кои ќе бидат опфатени. Дополнително, бараат независен надзор над постапката и редовно објавување информации за бројот и распределбата на вработените по институции.
Од ДОМ оценуваат дека со ваков пристап може истовремено да се реши статусот на долгогодишно ангажираните работници и да се спречи несоодветно трошење на јавните средства.
Тие нагласуваат дека не ја оспоруваат потребата овие лица да добијат работна сигурност, туку бараат гаранции дека промената нема да се сведе на формално претворање на договорите во трајни вработувања, без притоа да се утврдат реалните потреби и професионалните способности.
Од партијата порачуваат дека реформата на јавната администрација мора да се темели на знаење, стручност и заслуги, а не на партиски влијанија. Според нив, трансформацијата на работните ангажмани е можност да се направи чекор кон попрофесионална администрација, но само доколку целиот процес биде транспарентен и подложен на контрола.

