HomeМКДЗдравствоЕДЕН ТОМОГРАФ НА КЛИНИЧКИОТ ЦЕНТАР ПОВТОРНО РАБОТИ

ЕДЕН ТОМОГРАФ НА КЛИНИЧКИОТ ЦЕНТАР ПОВТОРНО РАБОТИ

Пациентите чии радиолошки прегледи беа одложени поради проблемите со медицинската опрема во Скопје ќе добијат нови термини, откако еден од компјутерските томографи на Универзитетскиот институт за радиологија повторно е ставен во функција.

Од Министерството за здравство информираат дека апаратот од денеска е достапен за дијагностички прегледи, додека томографот во хируршкиот комплекс сè уште е во сервис. Надлежните очекуваат и тој уред да биде оспособен за работа во најкраток можен рок.

За да се надоместат одложените прегледи, Институтот за радиологија започнал организирано да ги контактира пациентите и да им закажува нови термини. Од Министерството посочуваат дека работата е организирана во две смени, а дополнителни прегледи ќе се вршат и во текот на претстојниот викенд, со цел чекањето да се сведе на минимум.

Во меѓувреме, пациентите на кои им е потребна итна дијагностика се упатуваат во Градската општа болница „8 Септември“ и во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје.

Од Министерството за здравство апелираат до јавноста да не се шират непроверени информации за состојбата, нагласувајќи дека се преземаат активности за обезбедување континуитет во дијагностичките услуги.

Претходно, опозицискиот СДСМ алармираше за проблеми во здравството, наведувајќи дека неисправната медицинска опрема, недостигот на лекови и долгото чекање за прегледи дополнително го отежнуваат пристапот на пациентите до здравствените услуги. Од партијата, меѓу другото, тврдеа дека во Клиничкиот центар не работеле томографите и дека повторно имало проблем со ПЕТ-скенот.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО