HomeМКДМИЦКОСКИ СО НОВИ КРИТИКИ ДО БРИСЕЛ

МИЦКОСКИ СО НОВИ КРИТИКИ ДО БРИСЕЛ

Долгогодишното одложување на македонските евроинтеграции повторно беше тема на критики од премиерот Христијан Мицкоски, кој смета дека Европската Унија мора да ја преиспита политиката кон земјите кандидати. Тој оцени дека Македонија веќе 15 години се соочува со пречки во процесот на пристапување, кои не се поврзани со исполнувањето на суштинските услови за членство.

На самитот во Диселдорф, Германија, каде учествуваше на панел-дискусијата „Отпорноста како императив за севкупното општество“, Мицкоски порача дека Брисел не треба да остане нем набљудувач кога билатералните спорови го блокираат европскиот пат на државите што сакаат да станат дел од Унијата.

Според него, проблемот не е само во застојот на Македонија, туку и во принципот врз кој функционира европскиот процес на проширување. Премиерот смета дека не е добро решение доколку поединечна земја членка може преку билатерални барања да го попречува напредокот на држава кандидат.

Тој посочи дека ваквите притисоци не мора да бидат поврзани со воени или безбедносни закани, бидејќи влијание врз една држава може да се врши и преку политички и дипломатски средства.

Во своето обраќање Мицкоски се осврна и на прашањето за националниот идентитет, нагласувајќи дека пристапувањето кон Европската Унија не треба да значи откажување од сопствената историја и идентитет. Според него, европската интеграција треба да се темели на прифаќање заеднички вредности, а не на губење на националните особености.

Премиерот потсети дека Македонија го започнала патот кон ЕУ пред 26 години, во период кога Хрватска сè уште не била членка на Унијата. Како доказ за определбата на земјата кон европските и западните политики, го посочи членството во НАТО и усогласувањето на надворешната политика со позициите на Европската Унија.

На крајот, Мицкоски побара од европските институции поактивно да се вклучат во решавањето на пречките што го кочат проширувањето, оценувајќи дека процесот треба да се заснова на јасни правила и исполнети критериуми, а не да зависи од билатерални несогласувања.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО