Образованието и создавањето сообраќајни навики уште од најрана возраст ќе имаат важна улога во намалувањето на ризиците на патиштата. Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за периодот 2026–2030 година.
Според Јаневска, децата и младите треба постепено да стекнуваат знаења за правилно и одговорно учество во сообраќајот, почнувајќи од предучилишната возраст, а потоа и во текот на целото образование.
Таа посочи дека овие теми веќе се обработуваат преку наставни и воннаставни активности, како и преку едукативни кампањи организирани во соработка со Министерството за внатрешни работи, стручни организации и општините. Сепак, податоците за сообраќајните незгоди покажуваат дека се потребни дополнителни и подобро координирани активности.
Министерството за образование и наука, заедно со Бирото за развој на образованието, планира да ги унапреди наставните содржини со поголем акцент на практичните знаења. Целта е учениците да научат да ги препознаваат опасностите, да се однесуваат одговорно и правилно да ја користат заштитната опрема.
Предвидено е и дополнително оспособување на наставниците, како и подготовка на соодветни едукативни материјали што ќе помогнат овие содржини поефикасно да се пренесуваат на учениците.
Јаневска ја поддржа и иницијативата за подобрување на безбедноста во зоните околу училиштата, парковите и населените места, преку заеднички активности на институциите, општините и граѓанскиот сектор.
Како важен дел од едукацијата ги посочи и основните знаења за укажување помош во првите минути по сообраќајна незгода. Во таа насока, најави соработка со Црвениот крст и здравствените институции за оспособување на младите да реагираат правилно во критични ситуации.
Министерката порача дека безбедноста на патиштата не е одговорност само на институциите, туку бара континуирано учество и координација на сите чинители во општеството.

