Извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, упати остри критики кон претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, обвинувајќи ги европските институции дека со даноци и дополнителни регулативи го поскапуваат воздушниот сообраќај, наместо да ја зголемуваат конкурентноста на европската економија. Тој воедно предупреди дека авионските билети во следните 12 месеци би можеле значително да поскапат поради растот на трошоците за гориво и емисиите на јаглерод диоксид.
О’Лири смета дека воздушниот сообраќај е еден од ретките европски сектори што успешно се натпреваруваат со американскиот пазар, но предупредува дека новите давачки би можеле да ја намалат достапноста на евтините летови.
„Фон дер Лајен постојано зборува за конкурентност, но не презема ништо конкретно“, изјави директорот на ирската нискобуџетна авиокомпанија. Според него, либерализацијата на европскиот воздушен сообраќај овозможила развој на компании како „Рајанер“, кои им нудат на патниците евтини летови низ континентот.
Тој посочи дека САД имаат предност во областите како вештачката интелигенција и информатичката технологија, додека Европа успеала да изгради конкурентен пазар на авионски превоз. Сепак, според О’Лири, европските политичари со новите правила го зголемуваат финансискиот товар за авиокомпаниите и патниците.
Посебно го критикуваше и спроведувањето на препораките од извештајот за конкурентност на поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги. О’Лири тврди дека, иако документот е објавен пред две години, значаен дел од предложените реформи сè уште не се реализирани.
„Европа има план за зголемување на конкурентноста, а тоа е извештајот на Драги. Но, две години подоцна, според мене, нема вистински напредок“, порача тој, упатувајќи критики и кон раководството на Европската комисија.
Во меѓувреме, „Рајанер“ најави намалување на капацитетите во Белгија во текот на зимската сезона. Компанијата планира да укине еден милион патнички седишта и 20 линии, како одговор на зголемувањето на белгискиот данок за авионски билети од две на седум евра.
О’Лири најави дека авиокомпанијата ќе ги пренасочува авионите кон пазари каде што условите за работа се поповолни. Како примери ги посочи Словачка, Шведска, Италија и Унгарија, каде што, според него, ваквите даноци биле укинати.
Тој ги критикуваше и Франција и Германија, оценувајќи дека високите давачки ја намалуваат конкурентноста на нивните воздушни пазари. Според него, владите треба да се фокусираат на намалување на трошоците и овозможување поевтино патување за граѓаните.
Дополнителна забелешка упати и кон европскиот систем за тргување со емисии. О’Лири тврди дека правилата не ги распределуваат трошоците подеднакво меѓу европските и интерконтиненталните летови. Системот главно ги опфаќа летовите во рамките на Европскиот економски простор, додека за одредени меѓународни летови важат поинакви правила.
Според него, европските превозници се изложени на дополнителни трошоци во споредба со дел од конкурентите од други региони. Тој се залага за поширок и, како што го нарекува, поправеден систем на еколошко оданочување за летовите што пристигнуваат во Европа.
О’Лири ја критикуваше и контролата на воздушниот сообраќај, тврдејќи дека недоволните реформи придонесуваат за доцнење на летовите. Тој посочи дека авиокомпаниите често мора да покриваат трошоци за обештетување и грижа за патниците, дури и кога доцнењата се поврзани со проблеми во контролата на воздушниот сообраќај.
Најголемо внимание, сепак, привлече неговото предупредување за цените на билетите. О’Лири изјави дека „Рајанер“ за тековната година обезбедил заштита од ценовните промени на горивото на ниво од околу 67 долари за барел, но очекува значително повисоки трошоци во следниот период.
Покрај горивото, дополнителен притисок врз цените ќе создадат и трошоците за емисиите што ги плаќаат авиокомпаниите за летовите опфатени со европскиот систем за тргување со емисии.
Според О’Лири, комбинацијата од поскапо гориво, даноци и еколошки давачки ќе го отежне одржувањето на досегашните ниски цени. Тоа може да се одрази врз патниците токму во период кога многу домаќинства се обидуваат да ги ограничат трошоците за патување.

