HomeМКДВЛТ-ТЕРМИНАЛИТЕ СÈ УШТЕ ВО МАГАЦИН

ВЛТ-ТЕРМИНАЛИТЕ СÈ УШТЕ ВО МАГАЦИН

Судскиот процес за наводните злоупотреби во „Државна лотарија“ продолжи со сведочење на Александар Андов, директор во секторот за спречување перење пари во компанијата и член на комисијата која ја спроведувала јавната набавка за ВЛТ-терминали.

Андов на рочиштето детално ја опишуваше процедурата преку која биле набавени терминалите, но откри и важен податок – уредите никогаш не биле пуштени во употреба. Според неговото сведочење, сите набавени терминали и понатаму се наоѓаат во магацините на „Државна лотарија“.

Одбраната на поранешниот вицепремиер Артан Груби смета дека сведочењето оди во прилог на нивната верзија на случајот. Адвокатот Гоце Ристески оцени дека исказот не покажал поврзаност на Груби со самата јавна набавка.

„Фактите ги утврдува судот на крајот. Исказот на денешниот сведок ја потврди нашата теорија на случај дека нема инволвираност на Артан Груби во јавната набавка и во работењето на Државна лотарија“, изјави Ристески.

Според адвокатот, сведокот ја објаснил целата процедура – од подготовката на набавката до изборот на понудувачите – без при тоа да изнесе нешто што би ја довело во прашање одбраната на Груби.

Во текот на рочиштето, Груби се обидел да постави прашање поврзано со временската рамка на владината постапка. Тој посочил дека процедурата за набавката започнала неколку месеци пред тој да претседава со владината седница која е дел од обвинението.

Одбраната засега не открива какво значење ќе има ова прашање во понатамошниот тек на постапката.

Сведокот објасни дека набавката била предвидена во планот за јавни набавки. Пред започнувањето на постапката била направена проверка на нејзината законитост и оправданост, по што била донесена одлука за јавна набавка и била формирана комисија.

Постапката била спроведена преку електронскиот систем за јавни набавки, а на тендерот пристигнале три понуди. Следувале формално-правна и техничка евалуација, по што биле избрани најповолните понудувачи и биле склучени рамковни спогодби.

Андов потврдил и дека набавката била предмет на управна контрола од Бирото за јавни набавки.

Сепак, терминалите по набавката никогаш не биле ставени во функција. Сведокот рекол дека не знае зошто тоа не се случило, бидејќи одлуките за пуштање на ВЛТ-терминалите во употреба се во надлежност на Управата за јавни приходи и Министерството за финансии.

На прашања од одбраната, Андов посочил дека не знае дали во подготовката на набавката биле изработени правно мислење или физибилити студија. Тој објаснил дека комисијата во која членувал имала задача да ги разгледа и оцени доставените понуди.

Сведокот потврдил и дека предлог-одлуката изготвена од стручните служби не значи автоматски дека надлежниот орган мора да ја прифати.

Во меѓувреме, Груби се очекува да излезе од притвор на 13 октомври. Неговата одбрана бара да му биде вратен пасошот, а како гаранција е понуден имот вреден повеќе од 300 илјади евра. Како обезбедување се понудени три станови во сопственост на Груби и негови блиски.

Обвинителството го товари Груби дека како вицепремиер претседавал со седница на Владата во својство на Собрание на акционерското друштво, иако, според обвинението, знаел дека таквото тело немало надлежност да одлучува за конкретната набавка.

Според обвинителните наводи, на седницата била усвоена информација со која „Државна лотарија“ била задолжена да преземе активности за самостојно приредување електронски игри на среќа и набавка на потребните ВЛТ-терминали.

Во предметот, покрај Груби, обвинети се и поранешниот директор на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами, генералниот секретар на Владата Методија Димовски, како и членови на тогашниот надзорен одбор на компанијата.

Случајот продолжува пред судот, кој треба да ги оцени сведочењата и доказите и на крајот да утврди дали има одговорност кај обвинетите.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО