HomeРЕТРОВИЗОРДЕНОТ КОГА ВО СОЛУН БИЛЕ ПОСТАВЕНИ ТЕМЕЛИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА БОРБА

ДЕНОТ КОГА ВО СОЛУН БИЛЕ ПОСТАВЕНИ ТЕМЕЛИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА БОРБА

На денешен ден, 23 октомври 1893 година, во Солун бил одржан историскиот состанок на кој шестмина македонски револуционери ги поставиле темелите на Македонската револуционерна организација, која подоцна ќе стане позната како ВМРО. Настанот се смета за почеток на организираното револуционерно движење и борбата за автономија на Македонија.

Основачите биле Даме Груев, д-р Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Средбата се одржала во Солун, во домот на книжарот Иван Хаџи Николов, во период кога Македонија била под османлиска власт, а незадоволството од политичките и општествените услови сè повеќе растело.

Идејата за создавање тајна револуционерна организација имала цел да го организира населението и да се избори за политичка автономија на Македонија. Во следните години организацијата се проширила, а во нејзините редови се приклучиле и други познати револуционери, меѓу кои Гоце Делчев, Ѓорче Петров и Јане Сандански.

Еден од најзначајните моменти во историјата на организацијата било Илинденското востание во 1903 година, кое оставило длабока трага во македонската историја и во стремежите за слобода и самостојност.

Датумот 23 октомври денес се одбележува како Ден на македонската револуционерна борба, државен празник посветен на историското наследство на револуционерното движење и на стремежите за создавање сопствена држава.

По повеќе од еден век, основањето на организацијата во Солун останува еден од најзначајните датуми во македонската историја, поврзан со имињата на шесттемина основачи и со почетокот на организираната борба за политичка автономија на Македонија.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО