Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун побара реорганизација на воените чети во елитни борбени единици кои ќе можат самостојно да ги извршуваат своите задачи. Повикот го упати за време на дводневниот состанок со воените команданти во Пјонгјанг, одржан на 22 и 23 октомври, објави државната новинска агенција КЦНА.
Со оваа порака, Пјонгјанг повторно потврди дека зајакнувањето на воените капацитети останува меѓу главните приоритети на севернокорејското раководство. Според информациите што ги пренесува Ројтерс, Ким побарал секоја воена чета да биде целосно подготвена за исполнување на задачите поврзани со, како што го нарекол, „целта за воено зајакнување во новата ера“.
На средбата тој повикал на изградба на најсилна можна армија и забрзување на воените реформи според моделот што го спроведува Северна Кореја. Акцентот бил ставен на подготвеноста на единиците, нивната самостојност и способноста да дејствуваат како ефикасни борбени формации.
Според КЦНА, ова било прво собирање на воени претставници од целата армија по деветтиот конгрес на владејачката Работничка партија, одржан во февруари годинава.
На партискиот конгрес, на кој се утврдуваат главните насоки за развојот на земјата во следните пет години, Ким најави натамошно зајакнување на конвенционалните вооружени сили. Истовремено, тој потврди дека Северна Кореја ќе продолжи со развојот на нуклеарното оружје и ракетните системи.
Најновите пораки од севернокорејскиот лидер укажуваат дека земјата планира да продолжи со модернизацијата и организациското зајакнување на армијата, со цел да ја зголеми борбената подготвеност на своите единици.

