Подобрување на грижата за мајките и новороденчињата и размена на искуства во раното откривање на заболувања беа во фокусот на посетата на министерот за здравство Сашо Клековски на болничкиот комплекс „Мајчин дом“ во Софија.
Клековски се запозна со функционирањето на една од водечките здравствени установи во Бугарија, која располага со оддел за интензивна нега на новороденчиња и современа медицинска опрема. Во рамки на посетата, тој разговараше со медицинските тимови за можностите за продлабочување на соработката, особено во областа на неонаталниот скрининг.
Посебно внимание беше посветено на работата на Националната генетска лабораторија во рамки на установата, каде што се вршат скрининг-тестирања кај новороденчињата, вклучувајќи метаболички и генетски анализи. Овие испитувања овозможуваат навремено откривање одредени здравствени состојби и создаваат услови за побрза интервенција.
„Размената на знаења и добри практики е пат до подобра грижа за мајките и новороденчињата и до поквалитетно и подостапно здравство за сите граѓани“, порача Клековски.
Посетата е насочена кон размена на искуства и согледување можности за унапредување на здравствените услуги, со акцент на превенцијата и раната дијагностика кај најмладите пациенти.

