Комисијата за избор на кандидат за судија од Македонија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур реагираше на критиките упатени кон нејзината работа, без директно да го наведе името на кандидатот на кого се однесува реакцијата.
Иако Комисијата вели дека нема да ги коментира ставовите на кандидатите, сепак посочува дека е неприфатливо незадоволен кандидат нејзината работа да ја оценува со недостојни квалификации. Од контекстот станува јасно дека реакцијата се однесува на поранешната уставна судијка и поранешна директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска.
Габер-Дамјановска претходно јавно го критикуваше повторното враќање на кандидатската листа за судија во Стразбур, оценувајќи дека тоа покажува дека Комисијата не ја завршила работата согласно упатствата на Советодавниот панел.
Од Комисијата, пак, тврдат дека враќањето на кандидатски листи или поединечни кандидати не е невообичаена практика на експертскиот панел на Советот на Европа. Според нив, во последниот извештај немало забелешки на работата на македонската Комисија.
Во реакцијата се упатува и остра порака до критичарот, со оценка дека наместо да ја квалификува работата на Комисијата, подобро е да се соочи со забелешките за своето работење наведени во извештај на Државниот завод за ревизија.
Полемиката се случува во период кога изборот на македонски судија во Стразбур повторно е вратен чекор назад. Советодавниот панел утврдил дека адвокатката Ана Дангова-Хуг не ги исполнува целосно критериумите, по што Комисијата ја предложила Јелена Ристиќ како нејзина замена.
Постапката трае околу една и пол година и досега неколкупати беше менувана кандидатската листа. До изборот на нов судија, функцијата продолжува да ја извршува Јован Илиевски.

