Готвачката Брит Ресчињо, сувопоседничка на ресторанот „Communion Bay Supper Club“ и учесничка во телевизиски кулинарски натпревари, предупредува на неколку чести грешки при одмрзнувањето и објаснува како правилно да се постапува со различните видови храна.
Една од методите што таа најмалку ги препорачува е одмрзнувањето во микробранова печка. Иако многу уреди имаат посебна програма за оваа намена, нерамномерното загревање може да предизвика делови од месото да почнат да се готват, додека другите сè уште остануваат замрзнати. Така се нарушуваат текстурата и квалитетот на храната.
Не се препорачува ниту одмрзнување со топла вода. Надворешниот слој на месото може да се загрее до температура на која бактериите побрзо се размножуваат, додека внатрешноста останува замрзната. Дополнително, топлината може делумно да го зготви надворешниот дел и да го расипе конечниот резултат.
Посебно ризично е оставањето на месото на собна температура со часови. Во такви услови површината може да достигне температура погодна за размножување бактерии, иако средината сè уште не е одмрзната. Затоа, храната не треба да се одмрзнува на кујнскиот пулт, а замрзнатото месо не треба да се става директно во бавно готвило без претходно одмрзнување.
За поголемите парчиња месо, најдобар избор е постепеното одмрзнување во фрижидер. Потребно е само малку планирање – месото да се извади од замрзнувачот вечерта пред да се подготвува и да се остави во фрижидер додека целосно не се одмрзне. Овој метод овозможува храната да остане на безбедна температура и да ја задржи својата структура.
Кога станува збор за морските плодови, Ресчињо препорачува нивно одмрзнување под млаз ладна вода. Намирниците треба да бидат во добро затворена амбалажа или водонепропустлива кеса, а водата постојано да биде ладна. Така процесот се забрзува без непотребно загревање на храната.
Готвачката посочува дека не сите видови риба подеднакво добро го поднесуваат замрзнувањето. Кај некои понежни видови, како листот, бакаларот и иверката, по одмрзнувањето може да се промени текстурата и месото да стане кашесто или брашнесто. Другите видови месо, пак, генерално можат успешно да се замрзнуваат доколку се правилно спакувани и складирани.
За да се зачуваат вкусот и квалитетот, таа ја издвојува вакуумската амбалажа како еден од најдобрите начини за чување храна во замрзнувач. Со неа се намалува контактот со воздухот, се спречува појавата на непријатен вкус од замрзнување и се заштедува простор.
Правилното пакување, соодветната температура и навременото одмрзнување се клучни за намирниците да го задржат својот квалитет. Според Ресчињо, доколку храната се складира и одмрзнува правилно, разликата во вкусот по замрзнувањето често може да биде речиси незабележлива.

